Ѓорѓиевски: По долгите години чекање, симболот на солидарноста и културниот идентитет на Скопје, Универзалната сала, конечно почнува да се гради

– Конечно, Универзална сала почнува да се гради. По долгите години чекање, симболот на солидарноста и културниот идентитет на Скопје, Универзална сала, повторно оживува, објави вечерва на Фејсбук градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
-Започнува изградбата на објектот кој е сведоштво за духот на градот, за неговата истрајност и љубов кон културата – истакна тој.
Проектот, како што посочи, ќе се реализира по принципот „клуч на рака“, а реконструкцијата е предвидено да заврши до декември 2027 година.
-Ова е еден од клучните проекти во подготовките на Скопје за носење на престижната титула Европска престолнина на културата 2028 – признание што го става нашиот град на културната мапа на Европа, нагласи градоначалникот.
Ѓорѓиевски додаде дека со новиот лик на Универзална сала, Скопје ќе добие современ, функционален и репрезентативен културен храм, место каде ќе се создаваат спомени, ќе се негува уметноста и ќе се слави креативноста.
-Театар, концерти, фестивали и големи културни настани ќе добијат дом достоен за нивната вредност. Универзална сала е симбол на солидарноста по катастрофалниот земјотрес, место каде генерации скопјани ги доживеале своите најубави културни моменти. Нејзиното обновување значи враќање на душата на градот и создавање мост помеѓу минатото и иднината, нагласи Ѓорѓиевски.
Тој изрази посебна благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за, како што напиша, огромната поддршка и посветеност во реализацијата на овој значаен проект, како и до министерот за култура Зоран Љутков.
-Продолжуваме да градиме, за Скопје какво што го заслужуваме, нагласи скопскиот градоначалник.






