Орбан: Јасно е дека животот на Трамп ќе биде во опасност се до неговата победа
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска го поддржа поранешниот американски претседател и републикански кандидат Доналд Трамп по безбедносниот инцидент кој се истражува како можен обид за атентат врз него.
„Јасно е дека животот на претседателот Трамп е во опасност додека не победи. Се молиме за вас, господине претседателе“, напиша Орбан на мрежата Икс.
Орбан го посети Трамп на Флорида двапати оваа година, откако ја поддржа неговата претседателска кандидатура.
Агенти на американската тајна служба отвориле оган врз лице вооружено со полуавтоматска пушка, кое го вперило оружјето кон голф-клубот на поранешниот претседател Доналд Трамп во Вест Палм Бич, Флорида, додека тој играл голф.
ФБИ соопшти дека Трамп бил предмет на „очигледен обид за атентат“ во неговиот голф клуб во Флорида.
Престрелката доаѓа околу два месеци откако Томас Метју Крукс се обиде да го убие Трамп на митинг во Батлер, Пенсилванија на 13 јули, кога Трамп се здоби со повреда на увото.