„Ориентални влијанија на поствизантиските цркви во Кумановско“ проект на НУ Музеј Куманово

НУ Музеј Куманово почна со реализација на проектот  „Ориентални влијанија на поствизантиските цркви во Кумановско, кој е од областа на историјата на уметностa, информираа денеска од НУ Музеј Куманово.

Проектот е поддржан од Министерството за култура за тековната година. Раководител на проектот е Валентина Андреиќ, виш кустос историчар на уметност, а стручен соработник е Славица Крстиќ, кустос советник, историчар на уметност.

За реализација на проектот почна снимање на визуелен запис, на пет монументални цркви од поствизантискиот период, 16/17 век, Свети Ѓорѓи Победоносец во Младо Нагоричино, Свети Ѓорѓи во Жегљане, Свети Никола во Стрезовце, Свети Дух во Добрача и Воведение на Богородица (Манастир Карпино) во Сув Орах.

-Во документарниот филм ќе бидат содржани најважните податоци за архитектурните белези и сликарството на црквите. Целта на овој проект  е да се зачува целиот материјал во музејската документација, како и за презентација на овие значајни споменици на културата во кумановско, преку аудиовизуелниот запис, вели Андреиќ.

Инаку, во кумановско, појаснува Андреиќ постои поголема група на цркви токму од поствизантискиот период. И пред две години, на ист начин беше реализиран проект, кој содржи друга група од пет карактеристични цркви. 

Back to top button
Close