Оштетени штедачи: Уставниот Суд на чекор пред враќање на довербата во правната држава!

Уставниот Суд се наоѓа пред историска одлука со која конечно ќе се стави крај на безредието во банкарскиот систем, којшто е креиран и поставен на начин да обичните граѓани – штедачи и правните лица во пакет, се тие кои на крајот ја плаќаат сметката додека Фондот за осигурување на депозити и останатите банки ја користат таа ситуација во нивни интерес.

Би сакале преку ова соопштение да направиме и рекапитулар на она што не е во ред со нашиот банкарски систем, со цел да им ја олесниме одлуката на Судиите од Уставниот Суд.

Моменталната поставеност на Законот за банки и процедурите кои произлегуваат од тој закон се всушност спреги кои се ставени во функција да обичните граѓани и фирми депоненти на крајот се секогаш во минус. Сеедно дали се работи за депозит или кредит, исходот на крај е ист.

Во случајот со Еуростандард банка, оваа теорија се докажува во целост.

Прво, имате процедури кои не спречуваат неконтролиран грабеж на депозитите и тековните средства на физичките и правните лица, за потоа, штом грабежот стане евидентен, преку Фондот за осигурување на депозити и неговиот приоритет во стечајната постапка, да истите тие физички и правни лица бидат доограбени.

За полесно воочување на горе наведеното, би сакале да го објасниме тоа преку бројките кои се добиени од извештајот на стечајниот управник Душко Тодевски.

Имено, вртоглави 73 отсто од кредитното портфолио на фирми должници во Еуростандард банка е рангирано во нефункционални кредити, ненаплатливи или тешко наплатливи. Доказ за тоа се 149 фирми кои не платиле ниту една рата откако ги земале кредитите, не вратиле ниту еден денар со години од така „позајмените” 55 милиони евра наши пари.

Значи, имате систем којшто преку своите процедури и нивна проверка т.е. ревизии од страна на Народна банка, дозволиле да една банка пласира кредити на начин којшто ги заобиколува сите тие процедури. Истовремено, ревизорите не ги препознаваат тие пласмани како високоризични, ненаплатливи или тешко наплатливи. За да после одреден период, тие ги согледаат наеднаш како високоризични и во услови на светска пандемија и тешка економска криза, гувернерката Анита Ангеловска Бежоска ја затвори банката и отвори стечајна постапка во период на владеење на техничка влада.

Во меѓувреме, пред затворањето на банката и почнување на стечајната постапка, под учество и кумување на Народна банка е направена докапитализацијата на банката во 2019 година на еден начин којшто, без никаков сомнеж, е спротивен на законот. И самиот сопственик на банката, Трифун Костовски, јавно потврди дека истата таа докапитализација е всушност направена со депозити заложени од Еуростандард банка како гаранција за земен кредит од Комерцијална банка, што во реалноста е уште еден грабеж на средствата на физичките и правни лица депоненти на банката.

Крајот секогаш го краси делото. Па така, и во овој случај, на крајот доаѓа Фондот за обештетување кој е државен и создаден од премии кои се плаќаат токму од истите тие средства од депозити на физичките и правни лица. Истиот тој Фонд, во сега веќе почнатата стечајна постапка на Еуростандард банка, има предност во наплатата на побарувањата пред сите останати побарувања на физичките и правни лица, и на тој начин ги доограбува. Ова е единствен, уникатен пример на неуставност и незаконитост во цела Европа и пошироко, да со законска одредба од Законот за банки се врши нееднаквост, дискриминација и директно ограбување на оние кои ги доделиле своите лични средства во банка или ги користеле нејзините услуги. Особено ова се однесува на правните лица кои не се обештетуваат воопшто од Фондот, а истиот се поставува пред нив во наплата од стечајната маса и целосно им ги зема парите. На крај, на сите депоненти, физични и правни лица, Фондот целосно им ги зема нивните останати средства, депозити или тековни средства на сметки, при стечај на лиценцирана, регулирана и контролирана банка.

Уставниот Суд ја има честа и привилегијата да токму преку носење на одлука за укинување на членот 163 став 3 од Законот за банки, со којшто е регулирано предимството за наплата на Фондот, да ја отпочне борбата за правдина на сите граѓани и фирми депоненти на банки во земјава. Во исто време, ја има и привилегијата да пред сите други државни институции отпочне процес на промена на процедурите во банкарскиот систем во целина.

Борбата против корумпираноста и безредието во банкарскиот систем почнува со праведната одлука на Уставниот Суд, но тука не завршува!

Back to top button
Close