Османи го осуди нападот на секретарот на „Цар Борис Трети“ и најави дека денеска ќе го посети
„Јас од вчера се занимавам со ова прашање и сум во комуникација со сите институции. Утринава имав можност да имам телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Република Бугарија. Сакам оваа можност да ја искористам и остро да го осудам овој напад и да побарам институциите да ги преземат сите мерки за одговорност на лицата кои извршиле физички напад поради етнички, културен идентитет на кој било државјанин на Република Северна Македонија. Колку што сум информиран, напаѓачите се веќе идентификувани и се работи за да се изведат пред лицето на правдата“,рече Османи.
Тој најави и оти денеска ќе го посети нападнатиот кој синоќа заврши во охридската болница и порача дека нема да се дозволи никој да биде нападнат поради погледи и мислења.
Бугарското МНР, пак, веќе најави дека ќе ја повика амбасадорката Агнеса Руси Поповска за да ѝ врачи протестна нота за синоќешниот инцидент. Според официјална Софија, нападот е последица на тоа што од институциите на Северна Македонија нема системски одговорот на злосторствата над граѓаните кои се идентификуваат како Бугари и порачаа дека властите мора да презема итни и ефикасни мерки. Проблемите со правата на Бугарите, според Софија, не може да се негираат од македонските власти и од меѓународната заедница и порачуваат дека тоа е неспоиво со членство на земјава во ЕУ.