Османи: Повлекувањето на српските претставници од институциите има за цел дестабилизација на северот на Косово

Косовската претседателка, Вјоса Османи оцени дека повлекувањето на претставниците на Србите од институциите има за цел да го дестабилизира северот на земјата.

Таа рече дека повлекувањето на министрите, замениците и припадниците на српската заедница од Владата и од Собранието е чин против демократијата и владеењето на правото.

„Ваква акција беше спроведена под притисок на властите во Белград. Ваквиот пристап создава сериозни проблеми за српските граѓани на север, кои се чувствуваат загрозени од дејствијата на нелегалните структури кои имаат за цел дестабилизација“, рече Османи.
Според неа, косовските институции ќе ги преземат неопходните чекори за да обезбедат непречено функционирање и јавна безбедност во секој дел од територијата на Косово во тесна соработка со меѓународните партнери.

„Спроведувањето на законот и редот не претставува закана за ниту еден граѓанин на Косово, без разлика на етничката припадност. Меѓутоа, воспоставувањето на редот и законот претставува ризик за нелегалните структури предводени од Белград, кои имаат за цел да го дестабилизираат Косово и регионот“, рече Османи.

Претставниците на Србите на Косово денеска ги напуштија сите косовски институции во знак на револт за стапувањето во сила на одлуката за пререгистрација на српските возила и воведувањето на косовски регистарски таблички, велејќи дека Приштина не го почитува Бриселскиот договор.

Премирката на Србија, Ана Брнабиќ, пак, рече дека српската влада стои покрај, како што рече, храбриот и достоинствен народ на Косово, кој само сака да се спроведат потпишаните договори, додавајќи дека Србија останува цврсто посветена на зачувување на мирот и стабилноста во регионот.

Премиерот на Косово, Албин Курти, ги обвини српскиот претседател Александар Вучиќ и шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, дека потегот е нивна лична борба за власт, а не за граѓаните или за државата.

Back to top button
Close