ОСМОМАРТОВСКИ МАРШ – „Нема да нè снема“

По повод 8 март – Меѓународниот ден на жената ќе се одржи традиционалниот марш за женски права што ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“. Маршот ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, во знак на протест и отпор кон фактичкото и фигуративното бришење на жените во нашето општество.

-Жената постои на маргините на заедницата, како и на маргините на историјата, под континуиран ризик да биде избришана, заборавена, убиена.

Слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува непоколебливата и нужна борба на жените да опстојат во систем и општество што ја загрозуваат нивната безбедност, не ги штитат од насилници, ги забораваат, ги оставаат на маргините и ги бришат. Што да славиме кога се бориме за опстанок?

Работата на жените е често невидлива, омаловажувана, помалку платена и присвојувана. Жената што работи хонорарно нема здравствено, социјално, ниту пензиско осигурување што дополнително ја отежнува нејзината економска независност и директно влијае на можноста за платено породилно отсуство. На секои десет вработени мажи, има само седум вработени жени.

Минатата година ја одбележаа пет фемициди и рекордна бројка на родово-базирано насилство во последните пет години, а годинава насилството продолжи со огромен број нови случаи каде жените иако пријавувале повторно биле игнорирани. Згора на сѐ продолжува и дискриминација, нападите и општата негрижа кон трудниците, земјоделките, работничките, невработените жени…

Јавниот простор е сè повеќе затрупан со дезинформации кои го релативизираат и нормализираат насилството и го искривуваат поимот за родова еднаквост. Институционалното потфрлање и одбегнувањетo одговорност жената го плаќа со своето здравје и живот, игнорирана кога ќе побара помош и без да дочека правда.

Дополнително, општеството се милитаризира, националистичкиот и фашистички говор се засилува, сведоци сме на војни и еколошки катастрофи, а жените плаќаат од својот џеб за невиденото лакомење на малкумина. Овој систем на нееднаквост и надмоќ преживува на грбот на женската слобода и труд.

Затоа на 8 март повикуваме да маршираме заедно за да кажеме и покажеме дека се сеќаваме, бележиме, продолжуваме да постоиме и се бориме. Маршираме по улиците на нашите градови, за да порачаме: „Нема да нѐ снема“ – стои во најавата на маршот.

 

Back to top button
Close