Оставки во музејот Аушвиц поради политика

Неколку членови на советодавниот совет на музејот Аушвиц-Биркенау во Полска поднесоа оставки откако Владата ја назначи поранешната полска премиерка Беата Шидло, висок член на десничарската владејачка партија во земјата, за член на советот.
Полскиот министер за култура Пјотр Глински неодамна ја назначи Беата Шидло за четиригодишен мандат во Советот на државниот музеј Аушвиц-Биркенау, деветчлено тело составено од Полјаци кои се состануваат еднаш годишно за да го советуваат директорот на музејот. Телото е одвоено од Меѓународниот совет на Аушвиц, кој вклучува преживеани од холокаустот и меѓународни експерти.
Првиот член на советодавниот совет што поднесе оставка беше филозофот Станислав Крајевски, кој рече дека го направил тој чекор во вторникот во знак на протест против, како што нагласи, „политизацијата“ на групата, која досега ја сочинуваа експерти. По него оставки поднесоа историчарите Марек Ласота, кој исто така припаѓа на владејачката партија, и Кристина Олекси, поранешна заменик-директорка на музејот Аушвиц.
Себастијан Рејак, вршител на должноста директор на Американскиот еврејски комитет за Централна Европа, рече дека целосно ја поддржува одлуката на тројцата членови да поднесат оставка и додаде: „Колку помалку политика во учењето историја и сеќавањето на минатото, толку подобро“.
Шидло е актуелен член на Европскиот парламент од партијата Закон и правда. Студирала етнографија и историја и потекнува од областа Освјенчим, полски град во кој се наоѓа местото на поранешниот логор на смртта Аушвиц.






