Откриено тајното оружје на ракот: Еве што им дава енергија на туморите да се шират во телото
Научниците открија дека клетките на ракот крадат енергија од блиските нерви, што им помага да се шират. Ова откритие може да доведе до нови и поефикасни терапии.
Клетките на ракот можат да ги киднапираат митохондриите, изворите на енергија во клетките, од блиските нервни клетки, со што се зголемува нивната способност за преживување и ширење. Овој новооткриен механизам би можел да го отвори патот за развој на нови терапии за агресивни форми на рак, според ново истражување предводено од Сајмон Грелет од Американскиот универзитет во Јужна Алабама, објавено во списанието „Nature“.
Иако веќе е познато дека невроните го стимулираат растот на туморите со помош на сигнали и протеини, не беше јасно дали тие би можеле да ги делат и митохондриите со туморските клетки.
Во лабораторијата, тимот на Грелет комбинираше клетки на рак на дојка од глувци (означени со црвена боја) со невронски клетки (митохондриите означени со зелена боја). Во рок од неколку часа, митохондриите мигрираа од невроните во клетките на ракот.
Клетките на ракот ги растегнуваат своите мембрани за да ги украдат митохондриите од невроните. Тоа е како воз од митохондрии што поминува низ многу мала структура, влегувајќи во клетката на ракот една по една, објасни Грелет.
Оваа размена беше потврдена и кај глувци: Околу 2 проценти од туморските клетки во близина на нервите ги зафатија митохондриите, додека дури 14 проценти од туморските клетки што се проширија во мозокот го сторија тоа, што сугерира дека кражбата на митохондриите ја зголемува способноста на ракот да се шири.
Ова е прв пат да се потврди дека митохондриите се разменуваат од нерви во клетки на рак. Тоа е голем следен чекор во брзо напредувачката област на невронауката за рак, изјави за New Scientist Елизабет Репаски од Центарот за рак Розвел Парк во САД, која не беше вклучена во студијата.
Во примероци од осум жени со метастатски рак на дојка, клетките на ракот од далечните делови на телото имале, во просек, 17 проценти повеќе митохондрии од оние во самата дојка. Во еден примерок од рак на простата, клетките поблиску до нервите содржеа значително повеќе митохондрии. Сметаме дека ова би можело да биде универзален механизам што го користат сите видови тумори, рече Густаво Ајала од Универзитетот во Тексас, еден од коавторите на студијата.
Кражбата на митохондрија очигледно им помага на клетките на ракот да ја надминат оваа низа пречки, додаде Репаски.
Американските научници сега планираат да развијат лекови што ќе го блокираат овој процес и ќе овозможат поефикасно спречување на ширењето на ракот, (Независен).