„Ова е крајот на правата на жената и децата“ – реакции во Ирак откако се легализираа бракови со деца
Ирачки пратеници и групи за правата на жените реагираа со ужас на одлуката на ирачкиот парламент – дозволување брак со 9-годишни деца, при што активистите велат дека тоа ќе го „легализира силувањето на деца.
Според новиот закон, кој беше договорен пред неколку денови, на верските авторитети им е дадена моќ да одлучуваат за семејни прашања, вклучувајќи го бракот, разводот и грижата за децата. Законот ја укинува претходната забрана за брак на деца под 18 години, која стапи на сила во 50-те години.
„Дојдовме до крајот на правата на жените и до крајот на правата на децата во Ирак“, изјави адвокатот Мохамед Џума, еден од најистакнатите противници на законот.
Ирачката новинарка Саџа Хашим рече: „Фактот дека свештениците имаат предност за одлучувањето за судбината на жените е застрашувачки. Стравувам од сè што ќе се случи во мојот живот како жена.“
Активистите изразија загрижување дека законот сега ќе може да се применува ретроактивно и на случаи поднесени пред судовите пред неговото донесување, што ќе влијае на правата за алиментација и старателство.
Раја Фаик, портпаролка на феминистичката група Коалиција 188, изјави: „Примивме аудиоснимка од жена која непрестано плачеше поради донесувањето на овој закон, додека нејзиниот сопруг ѝ се закануваше дека ќе ѝ ја одземе ќерката, освен ако не се откаже од правата за финансиска поддршка.“
Детските бракови се долгогодишен проблем во Ирак, каде што 28% од девојките се мажат пред да наполнат 18 години, покажа анкета на ОН од 2023 година.
Иако на некои малолетни девојки им се претставува бракот како можност да избегаат од сиромаштија, многу од тие бракови завршуваат со неуспех, носејќи доживотни последици за младите жени, вклучувајќи општествен срам и недостаток на можности поради незавршено образование.
За шиитите, кои го сочинуваат мнозинството во Ирак, најниската возраст за брак за девојчиња ќе биде девет години, додека за сунитите, официјалната возраст ќе биде 15 години.
Алија Насиф, членка на правниот комитет на парламентот, изјави во објава онлајн дека гласањето се одржало без да биде присутен минималниот број на пратеници потребни за усвојување на закон и дека таа и други противници на законот ќе се обратат на ирачкиот федерален суд за да го оспорат решението.
Ирачката новинарка и активистка за правата на жените, Бенин Елиас, изјави: „Не сум шокирана. Но, ова не е време за солзи ниту за замижување пред варварските одлуки.“ (Гардијан)