Јовановиќ за Цивил: Мицкоски нема врска со реалноста, синдикалната кошничка не ја правам ниту јас, ниту Тевдовски, ниту Поповски, туку ја прави синдикатот
Синдикалната кошничка не ја правам ниту јас, ниту Драган Тевдовски, ниту Никола Поповски, туку, како што самото име кажува, ја прави синдикатот. А јас лично немам апсолутно никаква врска со тоа како таа се пресметува, ниту сум бил дел од некаква група која ја правела методологијата, ниту некој некогаш побарал мислење од мене за тоа. Ова само покажува колку премиерот нема врска со реалноста“, вели за ЦИВИЛ Медиа, проф. Бранимир Јовановиќ како одговор на обвинувањата на премиерот Христијан Мицкоски дека кога беше дел од Владата, предводена од Зоран Заев беше еден од тие кои манипулирале со потрошувачката кошничка.
Јовановиќ додава дека премиерот Мицкоски треба да одговори на некои други прашања:
Зошто таа кошничка е поскапена за 3.000 денари откако е тој дојден на власт, а просечната плата е зголемена за само 60 денари?
Зошто кошничката е поскапена за 2.000 денари откако тој ги воведе есенската и новогодишата кошничка?
Дали премиерот намерно ги направи овие работи, за да им овозможи на фирмите да ги покачат цените и своите профити?
Дали на премиерот му се поважни милионските профити на фирмите од двата милиона граѓани на Македонија кои секој ден сѐ потешко врзуваат крај со крај?
Премиерот Мицкоски на последната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека легитимно право е на граѓаните да изразат револт и тој има разбирање за истото, но од СДСМ освен навреди и клевети не кажаа дека има разбирање, затоа што како што рече тоа најелитистичката партија која 7 години немаше разбирање за стандардот на граѓаните и воведуваше дополнителни даноци. Тој се осврна на минималната потрошувачка кошничка при што истакна дека македонската јавност треба да знае дека врз грбот на народот се прави политика од најнизок вид, како се манипулира при пресметката, а ја пресметуваат поранешни функционери од СДСМ.
„За минималната синдикална кошничка дали сте ја виделе методологијата? Ќе ви дадам одговор ако не сте ја виделе. Јас во мојот живот лубеница и цреши во јануари не сум јадел, не знам за вас во СДСМ можеби ви е вообичаена пракса. Тоа е дел од методологијата за пресметка на минималната потрошувачка кошничка која е со цени од неколку маркети кои во јавноста се познати како ексклузивни без да биде пресметана просечната цена. А ја пресметуваат Никола Попоски поранешен потпретседател на СДС, Драган Тевдовски поранешен министер за финансии од СДСМ и Бранимир Јовановиќ кој беше дел од Ленка, Левица па отиде советник кај Тевдовски, овие тројца ја пресметуваат минималната потрошувачка кошничка. Отидов во неколку маркети и ги извадив неколку производи од потрошувачката кошничка и констатирав дека само за храна и пијалаци 3.000 денари е помала сумата од тие што се декларирани во минималната синдикална кошничка односно 15% помалку. Ова ќе го презентирам на економско социјалниот совет и тоа со слики, да се видат вистински цени, потенцираше премиерот Мицкоски.