Овој месец почнува судењето за француски хирург кој со години силувал деца под анестезија
Поранешен хирург обвинет за злоупотреба на стотици млади пациенти, често додека тие биле под анестезија, ќе оди на суд овој месец во најголемото судење за злоупотреба на деца во историјата на Франција, јавува Би-Би-Си.
Ле Скуарнек (73) е обвинет за напад или силување на 299 деца, повеќето негови поранешни пациенти, меѓу 1989 и 2014 година, главно во Бретања. Тој ги призна дел од обвиненијата, но не сите. На судењето во Ван во северозападна Франција му претходеше полициска истрага која траеше неколку години.
Џоел Ле Скуарнек, некогаш угледен хирург од еден мал град, е во затвор од 2017 година кога беше уапсен под сомнение дека ги силувал своите внуки, кои сега имаат триесет години, како и шестгодишно девојче и млад пациент. Тој беше осуден на 15 години затвор во 2020 година
Судењето, кое започнува на 24 февруари и ќе трае до јуни, ќе се одржи во Ван, каде што се обезбедени специјални простории за стотици жртви и нивните адвокати. Дали судењето ќе биде отворено за јавноста зависи од тоа дали сите жртви ќе се согласат да се откажат од своето право на затворено судење.
Многумина веруваат дека отвореното судење би било клучно за разоткривање на судските и институционалните неуспеси што ја овозможија долгорочната криминална кампања на Ле Скуарнек.
Полицијата го претресла неговиот дом по неговото апсење и пронашла сексуални кукли со големина на дете, повеќе од 300.000 слики од злоупотреба на деца и илјадници страници детални дневници во кои Ле Скуарнек наводно ги запишал нападите што ги извршил врз своите млади пациенти во период од 25 години.
Тој негираше дека напаѓал или силувал деца, тврдејќи дека неговите дневници само ги опишале неговите фантазии. Сепак, тој во неколку наврати напиша дека е педофил. Ле Скуарнек се соочува со повеќе од 100 обвиненија за силување и повеќе од 150 обвиненија за сексуален напад.
Пред судот ќе биде поставено прашањето дали Ле Скуарнек бил заштитен од колегите и раководството на болниците кои го вработиле, и покрај тоа што ФБИ ги предупреди француските власти дека посетувал веб-страници со материјали за злоупотреба на деца. По опомена доби само условна казна. Наводно, членовите на неговото семејство знаеле за неговата педофилија, но не го спречиле. „Молкот на семејството овозможи неговата злоупотреба да продолжи со децении“, изјави еден од адвокатите вклучени во случајот.
Некои жртви тврдат дека нивните родители биле во собата за време на нападот.
Некои од неговите поранешни пациенти, сите сега возрасни, рекоа дека се сеќаваат дека хирургот ги допирал под маската на лекарски прегледи, понекогаш дури и додека нивните родители или други лекари биле во собата.
Меѓутоа, бидејќи многу од неговите наводни жртви биле под дејство на анестетици во времето кога се случиле нападите, тие не се сеќавале на настаните и биле шокирани кога полицијата ги контактирала и ги информирала дека нивните имиња, заедно со описите на злоупотребата, биле наводно забележани во дневниците на Ле Скуарнек.
Некои од жртвите рекоа дека вознемирувачките откритија им помогнале да ги разберат необјаснетите симптоми на траума што ги мачеле цел живот.
Судењето ќе покрене тешки прашања за институционални и судски пропусти. Кога Ле Скуарнек се најде под сомнеж во 2000-тите, по предупредувањето на ФБИ дека пристапувал до сајтови со детска порнографија, француските власти го осудија само на четиримесечна условна казна без обврска да се подложи на медицински или психолошки третман.
Дури и кога колегите лекари изразија сомнеж во 2006 година, регионалната лекарска комора не изрече никакви санкции, а сите членови, освен еден кој беше воздржан, гласаа дека тој не го прекршил етичкиот кодекс.
Обвинителите исто така тврдат дека членовите на семејството на Ле Скуарнек знаеле за неговото вознемирувачко однесување кон децата уште од 1980-тите, но не направиле ништо, но неговата поранешна сопруга тврди дека таа не знаела ништо.
Адвокатката Франческа Сата истакна дека не е важно што многу жртви не се сеќаваат што им се случило, тоа не ги прави помалку жртви. Адвокатот Фредерик Беноист додаде дека затвореното судење би било трагедија: „Ова мора да биде моментот во кој жртвите зборуваат“, заклучи тој.