Падна договор ВРЕДИ да стане една партија – Меџити и Касами копретседатели, Сали генерален секретар

Онаму каде и настанаа како коалиција која ја освои власта, таму ќе се претворат во еден политички субјект. Лидерите на коалицијата ВРЕДИ викендов на Косово на одбележувањето поврзано со Адем Јашари и неговото семејство пред косовскиот премиер Албин Курти ќе пружат рака за дефинитивно создавање на единствена партија. Курти кој беше ментор и во создавањето на коалицијата пред изборите во 2024 година, сега се очекува да се фотографира со новото најтесно раководство на ВРЕДИ, откако синоќа паднал договор и дефинитивно да се избере моделот со двајца копретседатели.
Тоа, како што е познато ќе бидат челниците на Беса и Демократското Движење – Билал Касами и Изет Меџити. Местото генерален секретар извесно е дека ќе му припадне на Беким Сали откако неговата Алтернатива ја побарала таа позиција, а еден сигурен потпретседател е Беким Ќоку. Се уште е нема потврда дали втората потпретседателска позиција ќе ја заземе пратеникот Илир Демири или неговата колешка од Парламентот Мимоза Муса кои ја извојуваа внатрепартиската битка со вицепремиерот Арбен Фетаи, брифира за „Фокус“ висок извор од владејачката албанска коалиција. Истиот извор не смета дека ваквиот развој на настаните во владејачкото крило на Алијансата, ќе има евентуални последици врз позицијата на Фетаи во Владата на Христијан Мицкоски.
Демири кој замина од крилото на Алијанса под водство на Зијадин Села, а во последните неколку месеци настапуваше како независен ќе се приклучи на пратеничката група на ВРЕДИ и наскоро ќе го формализира статусот во рамките на новата политичка структура. Партиски извори навестуваат и можни трансфери на некои други пратеници, првенствено што припаѓаат во албанскиот политички блок во законодавниот дом. Со што дополнително би се зацврстило парламентарното мнозинство.
Неофицијално, во процесот на финализирање на ВРЕДИ како единствена политичка партија ќе се направат и измени на програмата под која настапуваше како дел од власта, а ќе се направи и статутарна измена на идната структура на партискиот конгрес. Во кој, според информациите, секоја од сегашните чинители на коалицијата , ќе учествува со 20 отсто од членовите.





