Пакистан и Иран протеруваат милиони Авганистанци
Повеќе од 200.000 Авганистанци се вратиле во својата земја откако Пакистан на 1 април започна масовна кампања за протерување на околу три милиони Авганистанци, обвинувајќи ги за „тероризам и трговија со дрога“. Слична кампања започна и Иран, кој сака да се ослободи од дури четири милиони илегални авганистански државјани.
Иако дел од заминувањата се доброволни, голем дел се последица на полициски рации. Според податоците на пакистанското Министерство за внатрешни работи, во април земјата ја напуштиле 135.865 Авганистанци, а во мај само 64.478. Во првите два дена од јуни, дневно заминувале во просек по 1500 лица.
Пакистан во април по неколкумесечна антимигрантска медиумска кампања, поништи 800.000 дозволи за престој за Авганистанци – вклучувајќи и оние родени во Пакистан, кои таму живеат со децении.
Дополнително, властите во Исламабад најавија дека до крајот на јуни ќе го укинат заштитниот статус за 1,3 милиони Авганистанци кои го добиле статусот на бегалци од Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР). Хуманитарните и организации за човекови права предупредуваат дека присилното враќање значи изложување на сериозна опасност.
Иако формално Авганистан е земја во мир по доаѓањето на талибанците на власт во 2021 година, според ОН таму се одвива втората најголема хуманитарна криза во светот, со една третина од населението кое страда од глад.
Иран, западниот сосед на Авганистан, исто така, ги притиска авганистанските бегалци. Четири милиони нелегални мигранти имаат рок до 6 јули да ја напуштат земјата, соопшти иранскиот заменик-министер за внатрешни работи. Во мај, Иран протерал двојно повеќе авганистански семејства отколку во април – веќе не само млади мажи, туку и жени и деца.
Од крајот на 2023 година, повеќе од милион Авганистанци беа протерани од Пакистан, а од Иран над два милиони. ОН наведува дека повеќе од половина од протераните се деца.
Нов бран протерувања дојде по засиленото насилство на границата со Авганистан. Исламабад го обвинува Кабул дека не може да се справи со вооружени групи кои изведуваат напади врз Пакистан од територијата на Авганистан. Талибанската влада, пак, обвини дека Пакистан ги користи мигрантите за политички цели, но двете страни од април навидум ги ублажија ставовите – беа разменети амбасадори, а односите се подигнаа на повисоко ниво.
По враќањето, мигрантите во Авганистан се сместуваат во кампови со лоши услови и неизвесна иднина. Според УНХЦР, 85 отсто од населението живее со помалку од еден долар дневно. Меѓународната организација за миграции предупредува дека притисокот од Иран и Пакистан го преоптоварува и онака кревкиот систем за прием и реинтеграција.
Иако ниедна земја официјално не ја признала талибанската влада, Русија и Кина дозволија таа да управува со авганистанските амбасади на нивна територија. Истото неодамна го направи и Пакистан.