Палчо на 28 ноември пристигна кај мене со бел пикап, забележав вдлабнатина на возачката врата“, рече во судница сведокот Ерол Османи
На денешното ново судско рочиште за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во скопскиот Кривичен суд прв сведочеше Ерол Османи, предложен од обвинителството.
Османи, кој го познавал Палевски речиси 25 години сведочеше за нивната комуникација и средби, вклучувајќи детали за возилото и неговите активности на деновите поврзани со случајот.
„Му помагав на Палчо во издавањето на весникот ‘Глобал’. Бев повикан од уредници да помогнам бидејќи не одеше како што треба. Имам познавања од мрежи и компјутери,“ изјави Османи.
На прашање од Обвинителството за средбата на 28 ноември минатата година, Османи објасни дека Палчо му се јавил претходниот ден и ја одложил посетата заради настинка.
„Ми рече дека е настинат и не можел да дојде на 27-ми“ рече Османи.
Според него, Палчо пристигнал кај него на 28-ми ноември (ден после грабнувањето на Вања) со бело возило. Требало да му го поправи котелот за палети и рече дека се однесувал нормално.
„Беше некое пикап бело, мислам француско возило. Забележав вдлабнатина на возачката врата,“ додаде тој. (Фокус)
…