Панчо од ДНК е надвор од животна опасност, шести ден е на интензивна нега во „Систина“, велат од болницата
Фронтменот на бендот ДНК, Владимир Блажев – Панчо, повреден во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани е во стабилна состојба и во моментов не е во животна опасност, соопшти стручниот лекарски конзилиум во Клиничката болница „Аџибадем систина“ каде што се лекува.
„Пациентот Владимир Блажев – Панчо од приемот до денес се наоѓа во единицата за интензивно лекување. На овој оддел се применува највисоко ниво на медицинска грижа. По спроведување на интензивното лекување, она што можеме да кажеме е дека пациентот е стабилен и дека во моментов е надвор од животозагрозувачка состојба. Неговото лекување продолжува во единицата за интензивна нега, во третманот е вклучен мултидисциплинарен тим лекари со цел да овозможат најдобра медицинска грижа“, велат од „Аџибадем систина“ и нагласуваат дека информацијата за здравстената состојба на Панчо е дадена од страна на лекарскиот тим кој е одговорен за неговиот третман и е единствена официјална информација потврдена од болницата.
„Во ваква исклучително сензитивна состојба во која се наоѓа државата, да не дозволуваме простор за шпекулации и непроверени информации“, велат од болницата по различните вести за состојбата на Панчо кои главно се шират на социјалните мрежи.