Пеело пиле или не, во Криволак никогаш нема да се изгради регионална депонија, колку тоа и да го бараат жителите на Пелагонија!
Денес жители на Пелагонија блокирајќи пат во Новаци, протестираа против изградба на регионална депонија во рудникот Суводол за 18 општини од Пелагонискиот и Југозападниот Регион.
Присутните жители од Битола, Прилеп, Новаци и Могила, кои не дозволуваат да им се гради депонијата, пред медиумите излегле со предлог, наместо во нивната општина, да се гради депонијата во Криволак, Неготино, бидејќи, како што порачал каратистот и поранешен кандидат за градоначалник на Општина Битола, Зоран Лазаревски Паљо, во Криволак ни пиле не пеело.
– Таму ни пиле пее, ниту има житници и води, деградирано е земјиштето и одговара за регионална депонија. Ако ја сакаат, таму да ја направат, истакнал Лазаревски.
Неготинскиот градоначалник д-р Горан Стојанов вели дека нема место за вознемиреност кај неготинци на темава, бидејќи во никој случај во Криволак, каде се наоѓа воениот полигон, не може да се гради регионална депонија.
– Жителите на Пелагонија може да бараат, и имаат право на тоа, но прифаќање на предлогот во Криволак да се гради депонијата е нешто кое нема да се случи. Освен што тоа не е дозволиво, бидејќи овде се наоѓа армискиот полигон, конкретно за Општина Неготино, според Министерството за животна средина, планирано е отпадот да се носи во депонијата која ќе биде изградена во Василево. Ние сме во Вардарски регион и спаѓаме таму, заедно со општините од истиот регион.
Независно од тоа дали некој кажува дека во Криволак пее или не пее пиле, регионална депонија во Неготино нема да има, порача д-р Стојанов.
Жителите на Пелагонија кои протестираа против изградба на депонијата, исто така предлагаат, доколку не може да биде лоцирана во Криволак, истата да била во Мегленци, но само за три општини, а не за 18 од Пелагонискиот и Југозападниот регион.
И неготинци се изненадени од предлогот на жителите на Пелагонија, депонијата да се гради во Криволак, и потсетуваат дека и во минатото имале повеќе битки против изградба на депонии со локалните власти.
Пред почетокот на пандемијата, во 2019 година, актуелен беше јавниот револт против најава за изградба на депонија на италијанска фирма, во која ќе се согорувал белосветски, индустриски и инертен, наводно безопасен отпад, и граѓаните собираа потписи против најавениот проект и бараа референдум.
Проектот за депонијата беше стопиран поради негативно мислење на Државното правобранителство, а потоа во 2021 година дојде проект од нова фирма од Неготино, во Дуброво да се гради гасна централа која ќе согорувала отпад од цела Македонија, односно над 700.000 тони отпад.
Тогашниот премиер Зоран Заев дури дојде во Неготино да бара поддршка од граѓаните за реализација на инвестиција за отворање на фабрика за обработка на отпад од 48 општини, на само пет километри од Неготино, а граѓаните му ја пренесоа пораката дека се против изградбата, и му доставија анкета со потписи од дури 90 проценти од населението, кое се изјасни против гасната централа.
И овој проект кој ги вознемири неготинци не се реализираше, а од тогашната власт не соопштија која е причината за тоа.
Преземено од фокус.мк