„Политико“: ЕУ сè повеќе зависи од Израел за одбранбени и кибер-технологии

Грција склучи договор со Израел вреден три милијарди евра за набавка на одбранбени технологии за заштита од ракети, авиони и дронови, што е најнов пример за сè поинтензивната соработка на европските земји со израелската одбранбена индустрија и покрај политичките тензии меѓу Европската Унија и Израел поради војните во Газа и Либан, објави „Политико“.

Договорот, наречен „Ахилов штит“, е еден од најголемите договори за извоз на одбранбена опрема во историјата на двете земји.

Соработката се одвива во време кога европските земји настојуваат да ги зајакнат своите одбранбени капацитети. Додека Европа во голема мера се потпира на Соединетите Американски Држави кога станува збор за оружје, тенкови и авиони, европските влади сè почесто му се обраќаат на Израел за помалку видливи, но сè поважни системи на современата безбедност, како што се сензори, пресретнувачи и технологии за надзор.

Израелскиот амбасадор при ЕУ, Ави Нир-Фелдклајн, изјави дека, и покрај политичките предизвици во односите меѓу ЕУ и Израел, билатералната соработка со земјите членки „интензивно напредува“.

Предноста на Израел, според „Политико“, се темели на тесната поврзаност меѓу армијата, одбранбената индустрија, академската заедница и технолошкиот сектор. Младите инженери стекнуваат искуство во елитните разузнавачки и кибер-единици, по што често преминуваат во одбранбени компании или основаат стартапи. Според податоците на Израелската управа за иновации, израелските компании привлекуваат речиси една четвртина од глобалните инвестиции во кибер-секторот.

Сепак, европската зависност од Израел предизвикува и политички критики. Критичарите предупредуваат дека Европа, настојувајќи да ја намали зависноста од САД, би можела да создаде нова зависност од Израел.

Финската пратеничка во Европскиот парламент Ли Андерсон оцени дека „една форма на зависност не треба да се замени со друга“, додека германската пратеничка од редовите на Зелените, Хана Нојман, предупреди дека на европските земји ќе им биде потешко да влијаат врз израелската надворешна политика колку повеќе се потпираат на неговите технологии.

Портпаролката на израелската мисија при ЕУ и НАТО, Хиба Тариф, изјави дека привлечноста на израелскиот сектор се темели на тесната поврзаност меѓу државата, академската заедница и приватниот сектор, како и на технологијата развиена врз основа на искуства од реални операции.

– Со користење на нашето искуство од операции во реално време, им овозможуваме на партнерите да преминат од реактивен кон проактивен пристап, со што значително ја зајакнуваме нашата заедничка отпорност и одбрана – рече Тариф.

И покрај критиките, соработката продолжува. Германија и Израел во јануари потпишаа меморандум за развој на кибер-„купола“, додека Израел, Грција и Кипар започнаа Центар за кибер-безбедност во поморскиот сектор. Шпанија, и покрај откажувањето на одбранбени договори со Израел вредни една милијарда евра, побара помош од Израелската управа за кибер-безбедност во заштитата на критичната инфраструктура.

Грција, за да ја намали идната зависност, во рамките на договорот „Ахилов штит“ инсистирала на пристап до изворниот код на системите, што би ѝ овозможило самостојно одржување и унапредување на технологијата.

– Да се стане заложник, дури и на најпријателската странска земја или сојузник, е апсолутно невозможно – изјави грчкиот министер за одбрана Никос Дендијас.

Германскиот пратеник Никлас Хербст оцени дека Израел ѝ нуди на Европа технологии што ѝ недостигаат, особено во областите на сајбер-безбедноста и противвоздушната одбрана.

– Во интерес на Европа е да има стабилен и сигурен однос со Израел во тој поглед – рече Хербст.

Back to top button
Close