Пелегрини: Ниедна земја не треба по скратен пат да влезе во ЕУ, земјите што имаат право да станат дел од Унијата се оние од Западен Балкан

Претседателот на Словачка, Петер Пелегрини, смета дека ниедна земја, без разлика во колку тешка состојба и да е, не смее да има предност и по скратен пат да влезе во ЕУ. Таа треба да го изоди патот на преговори и реформи и потоа да стане дел од Унијата. Затоа, смета, земјите што имаат право да станат членки на Европската Унија, првенствено се оние од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија.

– Што се однесува до предлогот на канцеларот Мерц, постои целосна усогласеност меѓу претседателот и премиерот на Словачка бидејќи јас лично мислам и ѝ го кажав тоа и на претседателката за време на нашите официјални разговори дека во процесот на пристапување не треба да има скратени патишта. Ниедна земја, без разлика во каква тешка состојба се наоѓа, не може тукутака да добие предност за да биде прифатена пред оние земји што имаат изминато долг пат и многу години подготовки бидејќи ова навистина би било многу негативно во однос на земјите од Западен Балкан и за луѓето таму, доколку Украина веднаш стане земја членка или има асоцијативно членство и може да седи на масата за време на преговорите и состаноците на Европската Унија – изјави Пелегрини во одговор на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова.

ЕУ, додаде, има свои правила и тие правила треба да се следат. Во случај Украина да ги исполни овие услови и да го следи тој пат, Словачка, додаде, секако ќе ја поддржи Украина во тој процес, но нема да поддржи никакви скратени патишта ниту, пак, привилегии што ќе им се понудат на одредени земји пред други.

– Затоа сум убеден дека земјите што имаат право да станат членки на Европската Унија, првенствено се оние од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија. Имаше самит на министрите за надворешни работи на групата Пријатели на Западен Балкан и никој не го смени своето мислење. Словачка и понатаму ќе продолжи гласно да зборува за ова на политичко ниво. Нешто друго што разговаравме со госпоѓата претседателка – не можам да замислам дека ЕУ би се проширила со земја што е во војна со Руската Федерација. Таа беше нападната од Руската Федерација. Ова би можело да значи дека земја што не е дел од ЕУ би станала дел од неа во такви услови. Кога размислуваме за иднината на Украина, првиот услов е да се преговара праведно и да се прекине војната. Потоа може да се зборува за потенцијалното членство на Украина во ЕУ. Овој конфликт треба да се реши на дипломатски начин и тоа треба да биде основен услов за каква било идна дискусија за пристапувањето на Украина во ЕУ – рече Пелегрини.

Претседателката Сиљановска-Давкова е во официјална посета на Словачка, каде што денеска беше примена со највисоки државни и воени почести. Потоа со својот словачки колега Петер Пелегрини одржаа тет-а-тет средба по што следуваше пленарен состанок на македонската и на словачката делегација.

Во фокусот на разговорите беа оценката и унапредувањето на билатералните односи, со акцент на политичката соработка, нашата маратонска евроинтеграција и словачката поддршка во процесот. Предмет на дијалогот беа и: економската соработка, трговската размена и инвестициите, како и можностите за засилено партнерство во енергетиката, инфраструктурата, туризмот и иновациите.

Соговорниците разменија мислења и за актуелните безбедносни и геополитички состојби во Европа, соработката во рамките на НАТО, како и потребата од стабилност и јасна европска перспектива на регионот.

Во рамките на официјалната посета предвидено е претседателката да оствари средба со претседателот на Националниот совет на Република Словачка, Рихард Раши, како и со потпретседателот на владата на Република Словачка и министер за одбрана, Роберт Калињак.

Back to top button
Close