Пендаровски ја објави програмата за чествувањето на Илинден на Мечкин Камен

Претседателот Стево Пендаровски ја објави програмата за утрешната прослава на празникот Илинден на Мечкин Камен.

Одбележуваме 118 години од Крушевската Република и 77 години од Првото заседание на АСНОМ. Утре, на 2 Август, Денот на Републиката – Илинден, во Крушево, ќе присуствувам на панихида во храмот Св.Никола, во 10.20 часот, по што ќе следува полагање на свежо цвеќе на гробот на Никола Карев и празнична програма пред споменичниот комплекс Македониум. Следува полагање на свежо цвеќе на споменикот на хероите на Слива. Централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август – Денот на Републиката ќе започне во 18:00 часот на Мечкин Камен со поздрав на Армијата на Република Северна Македонија, поздрав на илинденската коњаница проследена со костимирана придружба и полагање на цвеќе и венци на споменикот на Мечкин Камен, по што ќе следува празничната културно-уметничка програма посветена на двата Илиндена: – Изведба на државната химна од оперската првенка Весна Ѓиновска-Илкова – Пригодна реч со пораки за Илинден од Никола Ристановски – Настап на Ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“ – Настап на Ансамблот на албански народни ора и песни во Република Северна Македонија – Настап на Влатко Стефановски – Настап на воениот оркестар на Армијата. Ве поканувам сите, утре во Крушево заедно да го чествуваме големиот Илинден.

-Овој ден нека биде мотив да ги надминеме поделбите и сите да се сплотиме околу илинденските и АСНОМ-ски идеали, потенцира Пендаровски.

 

Back to top button
Close