Перински: Скопје може да стане функционален и урбан град

Покривање загуби на општините сметам дека е сосема погрешен пристап, кој всушност поттикнува непродуктивност, мерка што ја практикуваше претходната Влада. Оваа Влада, смета дека таквиот модел не е соодветен. Иако е точно дека општините се соочуваат со ограничени буџети, тоа не е оправдување за нивните негативни финансиски резултати, вели во интервју за „Локално“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински запрашан дали унгарскиот кредит навистина ќе помогне или е само решение за општинските долгови.

Според него, комунален надзор по општините треба да се регулира со Законот за комунални дејности, кој ја опишува целата материја, а со планираните измени на Законот за локална самоуправа, како обврска во иднина градоначалниците ќе мора да ја спроведуваат, односно комуналните редари ќе бидат обврска на градоначалниците.

-Нашата интенција и очекувања се дека изменетата подобрена рамка ќе биде подготвена и применлива пред претстојните локални избори. Од досегашната неформална комуникација со директните и индиректните чинители во системот за локална самоуправа, но и од веќе започнатиот процес на отворени јавни дебати за измените на Законот, можам да кажам дека генерално имаме унисон став и поддршка за планираните измени, истакнува министерот.

На прашањето како ги коментира реакциите на дел од јавноста кој во него гледа нов градоначалник на Скопје и како би можел да ги среди проблемите за еден мандат, Перински истакнува дека клучно е да се реализираат долгорочни и координирани решенија, а не краткорочни мерки.

Јасна визија со долгорочна стратегија усогласена со потребите на граѓаните е сигурно решение за проблемите на Скопје и скопјани, кои изминативе години, за жал, секојдневно се таложат. Со оглед на околностите на кои сме сведоци, не верувам дека во рок од еден мандат Скопје целосно ќе застане на нозе, но сепак, тоа е сосема доволен период на градот да му се постават основните темели врз кои потоа ќе продолжи да се развива и зајакнува во насока на вистинска метропола. На Скопје му е неопходна урбана политика по меѓународни стандарди, со фокус на модернизација на јавниот превоз, мерки за намалување на загадувањето, оптимизација на паркирањето и зајакнување на капацитетите за одржување на хигиената и урбанизацијата на јавните простори. За да се обезбеди квалитетен живот за сите граѓани, потребен е системски пристап кој ќе ги опфати сите аспекти на урбаното опкружување. Клучно е да се реализираат долгорочни и координирани решенија, а не краткорочни мерки. На пример, проблемот со загадувањето не може да се реши без да се подобри јавниот превоз. Добар менаџмент на јавните претпријатија е исто така неопходен за ефикасно функционирање на системот и квалитетни јавни услуги. Единствено така, Скопје може да стане функционален и урбан град, рече министерот.

 

Back to top button
Close