Песков: Денешниот самит нема да биде лесен, но ќе донесе напредок

– Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денеска изјави дека разговорите на Владимир Путин со американскиот претседател Џозеф Бајден „нема да бидат лесни“, но веројатно ќе донесат барем одреден напредок.

На неколку часа пред почетокот на самитот Русија – САД, што се одржува во Женева, Песков кажа дека темите што ќе бидат на дневниот ред се „доминантно проблематични“.

Тој изјави дека има многу прашања што долго време беа занемерувани и за кои сега треба да се разговара.

-Затоа претседателот Путин доаѓа со став искрено и конструктивно да поставува прашања и да се обиде да најде решенија, рече Песков.

Тој оцени дека денешниот ден нема да биде историски и дека не треба да се очекуваат големи достигнувања затоа што руско-американските односи се на најниската точка.

-Меѓутоа, фактот дека двајцата претседатели се договорија конечно да се сретнат и да почнат отворено да разговараат за проблемите е веќе достигнување. Можеме да кажеме дека самитот се уште не е почнат, а веќе има позитивен резултат, но не треба да се очекуваат никакви откритија, Рече Песков.

Тој додаде дека билатералните прашања за кои Русија сака да разговара ги вклучуваат стратешката стабилност, контролата на оружјето, соработка во регионалните конфликти, соработка во борбата против пандемиите и климатските промени.

Back to top button
Close