Пет македонски семејства побарале помош за евакуација од деловите зафатени со пожар во Грција
Пет македонски семејства досега побарале помош или асистенција за евакуација од подрачјата погодени од пожарите во Грција, информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРНТ), врз основа на податоците од дипломатско-конзуларното претставништво во Солун.

Во координација со надлежните грчки служби, македонските државјани биле упатени кон најблиските точки определени за оваа намена, каде што се згрижени заедно со другите туристи.
Министерството повторно упати апел до сите македонски граѓани што се наоѓаат во засегнатите подрачја и имаат потреба од асистенција веднаш да се обратат на дежурниот телефон на МНР: +389 75 268 736, на електронската адреса: [email protected] или на дежурните телефони на Конзулатот во Солун: +30 694 526 8068 и +389 71 323 001.
Од Министерството, исто така, ги потсетуваат граѓаните што престојуваат во погодените региони внимателно да ја следат состојбата и да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните грчки власти.
Откако вчера избувна голем шумски пожар кај познатата туристичка населба Сивири на првиот крак на полуостровот Халкидики во Грција, од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираа дека од надлежните институции во Грција немаат добиено официјална информација за бројот на евакуирани македонски државјани од подрачјата зафатени со пожарите.
Инаку, од грчката противпожарната служба рекоа дека интензитетот на пожарот се намалил во текот на вечерта, иако сè уште не е ставен под контрола. Од Сивири, по морски пат, евакуирани се вкупно 481 лице. Во транспортот на луѓето, како што пренесуваат грчките медиуми, биле вклучени два брода на Грчката крајбрежна стража, два брода на Противпожарната бригада, три рибарски брода, приватни бродови и брз патнички ферибот.






