Пет предвремено родени бебиња пронајдени мртви во болница во Газа
Пет предвремено родени бебиња се пронајдени мртви во болница во градот Газа, кој беше епицентар на борбите пред да стапи на сила примирјето меѓу Израел и Хамас, изјави денеска портпаролот на Министерството за здравство на Хамас.
До прекинот на борбите, кога стапи на сила примирјето во петокот, болниците во најголемиот град во палестинската енклава беа цел на израелски напади. Според лекарите, неколку болници биле евакуирани, а на неколку од нив им наредила израелската армија.
„Окупаторските сили оставија пет предвремено родени бебиња во одделението за интензивна нега на болницата Ал Наср, една од главните педијатриски болници во Газа“, рече д-р Ашраф ал Кидрех.
Војниците им забраниле на лекарите и членовите на семејствата на предвремено родените бебиња да им се приближат, а кога лекарите успеале да влезат во вторникот вечерта, ги нашле нивните делумно распаднати тела.
Во средината на ноември цел свет ја следеше судбината на 39 предвремено родени бебиња во друга болница во Газа, болницата Ал Шифа, која беше опколена и нападната од израелската армија.
Осум од тие бебиња починале поради недостиг на електрична енергија потребна за инкубаторите. Дваесет и осум од нив биле евакуирани во Египет каде што биле префрлени во болница, многумина без родителите, некои се сираци, додека на родителите на другите не им било дозволено да влезат во Египет, соопштија ОН.
Три бебиња кои биле премногу слаби за да бидат префрлени се хоспитализирани во установа во јужниот дел на Појасот Газа.