Петков побарал од руската амбасада да не се меша во земјата  

Бугарскиот премиер Кирил Петков остварил разговор со амбасадорката на Русија во Софија, Елеонора Митрофанова, соопшти прес-центарот на бугарската влада. Петков ја повикал руската амбасадорка во Бугарија да се придржува до општоприфатените норми за дипломатска комуникација и побарал таа да се однесува со должна почит и да не користи навредливи квалификации кон бугарските институции. Амбасадорката Митрофанова му се извинила на бугарскиот премиер.

На средбата со Митрофанова, Кирил Петков ја изрази и својата огорченост што во официјалната честитка до Бугарија на 3 март, руската амбасада во Софија ја спореди војната во Украина со ослободувањето на Бугарија во 1877-1878 година. Петков ја истакнал бугарската благодарност до рускиот народ за ослободувањето, но со забелешка дека не може да се потцени со споредби со денешната братоубиствена војна во Украина. Бугарскиот премиер инсистирал амбасадата на Руската Федерација во Софија да не се меша во внатрешната политика на Бугарија, во согласност со меѓународните документи.

Тој ја поздравил намерата на руската амбасадорка отсега да биде конструктивена. Бугарскиот премиер повикал на прекин на војната и враќање на дијалогот.

Нашето МНР пак досега молчи на засилената активност на руската амбасада во Македонија која вчера дури  ги заплашуваше граѓаните дека изразите на незадоволство кон руските дипломати ќе ги евидентира  и дека за нив ќе побара правна интервенција од државните органи. Повод според амбасадата биле зголемената русофобија во Европа, исфрлањето на руски производи од продавниците, напади на некои руски превозници и слично.

 

Back to top button
Close