Петровска: АНБ не спречила исламски свештеник, сомнителен за регрутирање борци, да држи проповед во театар во Тетово
Поранешната министерка во емисијата упати повеќе критики за работењето на АНБ, но и за, како што рече, односот на власта кон безбедносно-разузнавачките служби. Дел од примерите што, според неа, покажуваат несериозен пристап, се случајот со сертификатот за англиски јазик на новиот директор на АНБ Бојан Христовски и подготвувањето на реформите што треба да донесат спојување на разузнавачките агенции.
Како е можно исламски свештеник на кого во 2023 година му бил забранет влез во Република Северна Македонија, минатиот петок да држи проповед во театар во Тетово?
Ова прашање вечерва го постави поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, сегашна пратеничка од опозициската СДСМ, во гостувањето на емисијата „Вин-Вин“ на телевизијата Телма.
Таа додаде дека за првпат јавно го поставува ова прашање и очекува одговор, макар и писмен, од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), како агенција што, според неа, е надлежна да постапува во вакви случаи.
Во емисијата Петровска рече дека на тоа лице, кое што не го именуваше и не откри никаков детал за неговиот идентитет, во април 2023 година било спречено да влезе во земјава затоа што имало сомневања дека е дел од група што регрутира млади припадници на муслиманската заедница за бојните полиња во Сирија и во Ирак.
„Тој, кој што само една година претходно бил спречен да влезе, зашто АНБ му ја осуетила намеарата, минатиот петок во театар, во државна установа држеше проповед пред поприлично голема група, меѓу која имаше и мали деца. Ова не е работа за социјалните мрежи. Ова е работа на АНБ. Дали тие знаат што правел? Дали ја тргнале опасноста“,
праша Петровска.
Поранешната министерка во емисијата упати повеќе критики за работењето на АНБ, но и за, како што рече, односот на власта кон безбедносно-разузнавачките служби.
Дел од примерите што, според неа, покажуваат несериозен пристап, се случајот со сертификатот за англиски јазик на новиот директор на АНБ Бојан Христовски и подготвувањето на реформите што треба да донесат спојување на разузнавачките агенции