Петрушевски: Од вчера, сите се на чисто дека ССМ и СДС делуваат заеднички

На вчерашниот долгонајавуван протест демек на Сојузот на синдикати на Македонија, на дело се докажа она за кое ние ви укажувавме. Од вчера, сите се на чисто дека ССМ и СДС делуваат заеднички и дека и едните и другите се немоќни и само си се надополнуваат, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од прес-конференцијата на пратеникот Бране Петрушевски
„Граѓаните беа сведоци дека на таканаречениот синдикален протест имаше лица со обележја на СДС. Обележјата на СДС и промотивниот материјал може да го видите и вие на фотографиите зад мене. Ова е само доказ дека синдикалците не се организирале сами, дека на синдикалците им помагале локалните штабови на СДС. И тоа им помагале во целата организација на вчерашниот протест. Им помагале лица на СДС од Куманово, Тетово, Струмица и слично“ порача Петрушевски.
Вели „настанот вчера беше само доказ дека има равенство помеѓу ССМ и СДС, односно дека ССМ и СДС се едно исто. Во конкретниов случај ССМ и СДС ги злоупотребуваат работниците и нивните права само да бидат видливи на општествената сцена. Да нема забуни, ВМРО-ДПМНЕ постојано стои зад работниците и нивните права“.
„ВМРО-ДПМНЕ прави се што може за да се подобри стандардот на секој еден граѓанин. ВМРО-ДПМНЕ го почитува правото на работниците да протестираат и да ги бараат своите работнички права, меѓу кои и повисока плата. Но, ова што се случува не е протест на работници, не е протест за работнички права. Ова е игра на ССМ и СДС да бидат видливи како фактор на пошироката општествена сцена, игра посебно на СДС која како партија сигурно се движи кон пропаст“ порача пратеникот.





