Писториус предвидува последици за НАТО доколку САД го преземат Гренланд

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска изјави дека доколку американскиот претседател Доналд Трамп ја оствари својата закана за преземање на Гренланд, тоа би имало „последици за алијансата“, иако се воздржа од изјавата дека тоа би го уништило НАТО.

Писториус, говорејќи во вечерните вести на јавниот сервис, додаде дека моментот на распоредување на трупи од Германија и други земји на арктичкиот остров во овие денови на зголемени тензии околу неговата судбина е „временска коинциденција“.

– Тоа е само по себе коинциденција, бидејќи кога го планиравме тоа, немавме начин да знаеме, прво, дека разговорот ќе се случи во среда или како тој ќе заврши, рече тој, пренесе ДПА.

Разговорите во Вашингтон со министрите за надворешни работи на САД, Данска и Гренланд, како и со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, не резултираа со решение.

Прашањето сега е како да се тренира на копно заедно со другите сили на НАТО, рече тој.

Писториус изјави дека учеството на Германија во вежбата на оспоруваниот остров е за да им се покаже на европските членки на НАТО дека неговата земја стои „зад своите обврски. Нешто што, до пред неколку години, не го изјавувавме доволно јасно“.

Back to top button
Close