Плурализмот е фатален за нашата Македонија
Почитувани читатели, денешната колумна, која вообичаено ја пишувам за стечајот на Еуростандард банка, ќе ја посветам на тема плурализам или повеќепартискиот систем, имплементиран, согласно нашиот устав , во секојдневието на нашата Македонија.
Нашата Македонија денес бележи 80 години од нејзиното државотворно присуство на светската мапа држави. Во далечното минато од античките период, Македонија и Македонците го имаа Александар Македонски за војсководец за кого нема човек во светот кој не слушнал.
Иронично е, што единствената личност нераскинливо врзана со нашата историјата, ние сегашните Македонци ја предадовме на светската цивилизација. Си направивме предавство.
Во целиот цивилизациски развој на тие дамнешни времиња до ден денешен, останавме на многу ниско ниво на препознатливост преку добри дела и личности кои оставаат белег на модерната цивилизација. Посебно, после осамостојувањето на Македонија од 1991 година, како многу мала држава станавме рекордери во светот по нешта кои се денеска реалност. Македонија е една од најзагадените земји во светот. Во Македонија веќе со децении наназад владее организираниот криминал и корупција. Во Македонија се случуваат трагедии, ама не поради виша сила, туку трагедии поради нашата неодговорност и незнаење за правилно водење на државата.
Плурализмот во Македонија почнува од 1991 година. Во времето на ФНРЈ и СФРЈ, владееше Комунистичката партија, што значи во функција беше еднопартиски систем. За народ и држава со ниско образование и непросветеност диктатурата или во дадениов случај Комунистичкиот режим, беше единствениот начин државата да тргне напред. Очигледно е дека еднопартискиот систем беше многу пофункционален во нашето современо живеење, споредено со денешното повеќепартиско водење на државата. Во бившата ФНРЈ и СФРЈ изградивме сѐ: индустрија, сопствено производство на електрична енергија, инфраструктура во патен, железнички и воздушен сообраќај и најбитно, стандардот на средната класа од блиску 70% во тие времиња беше на завидно ниво, согласно светските проценки.
Материјалната димензија кај поединците во времињата на ФНРЈ и СФРЈ не беше приоритет како во денешно време. Од осамостојувањето на Македонија од 1991 година, па до денес евидентирано е следното: тешка индустријата, а тоа значи црната, обоената, хемиската и кожарската индустрија се целосно уништени; Не постои работничка класа, инфраструктурата што значи железничкиот, патниот и воздушниот сообраќај се далеку под нивото, согласно светските стандарди.
За секој поединец кој аналитички приоѓа кон анализирање на оваа суштинска проблематика, неминовно се поставува прашањето каде треба да се лоцира вината за ваквиот цивилизациски пад во развојот на нашата држава?
Неминовно се наметнува заклучокот дека политичкиот систем кој е креатор на развојот на државата е основниот фактор од каде произлегуваат сите девијантни случувања.
Плурализмот, како најмодерен политички систем на државно уредување, кај нас во Македонија ги покажа негативните резултати од нејзиното имплементирање, токму преку случувањата во нашата држава.
Доаѓам до заклучок дека демократијата не е вистинско решение за секое општество. При немање на искуство во функционалноста на повеќепартискиот систем, при немање соодветно образование на секој поединец во државата и најбитното, при недостаток на вистинско домашно воспитување кај нас граѓаните, осудени сме при сите можни услови за осамостојување да ја плаќаме цената на така-наречениот плурализам.
Од плурализмот во Македонија имплеметиравме нешта во кои што материјалната димензија на секој поединец претставува единствен порив и цел. Жално е што ваквиот порив за материјано богатство не се создава на основа изграден систем во државата, каде секој поединец ќе може да стекнува материјано богатство на чесен начин во услови на праведен систем.
За жал во Македонија стекнувањето на материјано богатство се темели на апсурден начин, каде политичките партии и криминалците делуваат како сијамски браќа.
Трагедијата во Кочани однесе наши млади деца, ги зацрни домовите не само на семејствата, туку на секој жител во нашата држава. Виновници за ваквиот настан сме самите ние-граѓаните на Република Македонија.
Дозволивме во Македонија да владее криминалот и корупцијата од најраните години на нашето осамостојување. Денес таа е длабоко метастазирана во сите сегменти на нашето живеење.
Би сакал да верувам дека трагедијата во Кочани е последниот трагичен настан поради нашата небрежност. Неминовно е потребна отворена борба против ова општествено зло.
Денес во јавноста на социјалните мрежи во голема мера се напаѓаат институциите на државата кои согласно моите размислувања ја отпочнаа вистинската борба против криминалот и корупцијата.
Ова мое толкување се базира врз искуството кое го имам зад себе од силниот удар на организираниот криминал и корупција во земјата. Јас сум паталец од организираниот криминал и корупцијата во земјава. Еминентни имиња на социјалните мрежи коишто по мене фрлаат вербални ,,дрва и камења” се политички обоените. Со најпогрдни зборови ја напаѓаат актуелната власт за ригидниот однос со кој презема чекори како да ја разреши оваа трагедија и конкретно виновните учесници и соучесници да ги извади пред лицето на правдата.
Заклучувам дека тоа се само гаталци кои сѐ уште го немаат почувствувано камшикот на организираниот криминал и корупција.
Владата предводена од Мицковски тргна во отворен фронт, во ресетирање на судството и обвинителството во Република Македонија. Тоа е вистинскиот чекор за отворена борба против организираниот криминал и корупција, бидејќи токму овие две институции поради така-наречената нивна недопирливост при работењето, стана главниот протагонист за ова што денес ни се случува.
Се надевам дека Мицковски ќе успее да го убеди судството и обвинителството дека треба да работат во интерес на граѓаните, а не во интерес на партиите.
Поради нашата небрежност и незрелост при плуралистичкото (не) функционирање на системот ја плаќаме цената за нашите деца – најсветото нешто во нашето живеење.
Трифун Костовски