По 13 години се ревидира позитивната листа на лекови, Меџити најави дека ќе се ажурира етапно според европски стандарди
Донесен е новиот правилник за ставање лекови на позитивната листа и после 13 години ќе се ревидираат лековите на товар на Фондот за здравствено осигурување, најави министерот за здравство Фатмир Меџити кој рече дека веќе е формирана и стручна комисија. Министерот посочи дека нема временски период до кога треба да биде ажурирана листата, бидејќи тоа ќе се случува етапно.
Претседателката на стручната комисија Љубица Шутуркова потенцира дека новитет со овој правилник кој е креиран по стандард на ЕУ , в предвид се земаат не само клиничките и економските аспекти од употребата на лекот или интервенцијата, туку и хуманистичките аспекти.
„Значењето на лекот од аспект на јавното здравје се вреднува според тежината на заболувањето и колку една болест го чини општеството, за која се употребува лекот како и достапноста на терпијата. Второ, се вреднува безбедноста, ефикасноста и ефективноста на лекот односно соодносот на корист наспроти ризикот од неговата примена за одредена болест споредено со постоечката терапија. Следниот критериум е влијанието на лекот на текот на болеста“,објасни претседателката на стручната комисија Љубица Шутуркова.
Меѓу критериумите се и етичките аспекти за употреба на лекот кои се однесуваат на посебни ранливи групи на пациенти како лица до 18 години, жени кои планираат семејство, породување и мајчинство. Комисијата која ќе ги разгледува апликациите од фармацевстките компании ќе се состанува и по два пати месечно, а потоа ќе достави предлог до министерот и Фондот за здравство, кој ја носи конечената одлука.
Комисијата е составена од експерти, односно претставници од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за лекови и медицински средства, Институтот за претклиничка и клиничка фармакологија со токсикологија, како и од универзитетските клиники, кои се доктори-специјалисти од различни области на медицината и фармацијата.