По четврти пат се одложи почетокот на новото судење за пожарот во тетовската модуларна болница

Причина за одложувањето на денешното рочиште, како и на претходното, беше отсуството на судијата Јордан Велков, кој како што беше соопштено, бил на боледување. Судијката која го заменуваше, петтиот обид за почеток на судскиот процес го закажа за 18 март

Денеска во Основниот суд Тетово, четврти пат по ред, се одложи почетокот на новото судење на поранешните директори на тетовската Клиничката болница, Флорин Бесими и Артан Етеми, во врска со пожарот во модуларната болница, во кој загинаа 14 луѓе.

Причина за одложувањето на денешното рочиште, како и на претходното, беше отсуството на судијата Јордан Велков, кој, како што беше соопштено, бил на боледување.

Судијката која го заменуваше, петтиот обид за почеток на судскиот процес го закажа за 18 март, пренесе државната новинска агенција МИА.

Откако Апелацискиот суд во Гостивар укина дел од првичната пресуда и предметот го врати на повторно судење во тетовскиот Основен суд, новото судење на двајцата ексдиректори требаше да почне на 26 јуни лани, но рочиштето беше одложено за 25 септември бидејќи тогаш во судницата не беа присутни претставници на Клиничката болница која е обвинета како правно лице.

Судењето не почна ниту во септември, а почина за одложувањето на рочиштето тогаш беше отсуството на бранителот на обвинетиот Етеми, адвокатот Самоил Филиповски.

Судскиот процес потоа требаше да започне на 5 ноември, но беше одложено за денеска, поради отсуството на судијата Велков, кој го водеше и првиот судски процес.

Модуларната болница во Тетово која беше отворена за згрижување и лекување пациенти болни од ковид-19 изгоре вечерта на 8 септември 2021 година, а во трагедијата животите ги загубија 14 лица. Од загинатите, 12 беа на болничко лекување, додека за двајца беше утврдено дека се членови на семејствата на дел од згрижените пациенти.

Двајцата поранешни директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми се најдоа на обвинителна клупа за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, а докторот Бобан Вучевски беше обвинет за непостапување по здравствени прописи.

Судењето почна на 4 декември 2022 г. и по шест месеци на 5 јуни, следната 2023 година Основниот суд Тетово донесе првостепена пресуда.Обвинетите директори тогаш добија условни казни од една година и шест месеци, додека докторот Вучевски беше ослободен од обвинението.

 

На Клиничката болница ѝ беше изречена парична казна од еден милион денари.

На изрекувањето на пресудата во тетовскиот суд судијата рече дека тоа не било судење за причините за пожарот.

На 10 јули во 2023 година Основното јавно обвинителство поднесе жалба на првостепената пресуда по која расправаше Апелацискиот суд во Гостивар.

Во април лани второстепениот суд донесе одлука со која наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница, како и за самата болница, како правен субјект. За докторот Бобан Вучевски, Апелацискиот суд ја одби жалбата на Обвинителството и ја потврди првостепената ослободителна пресуда.

Укинат дел од пресудата за пожарот во модуларната болница во Тетово – на ексдиректорите ќе им се суди одново

За одговорноста во врска со причините за пожарот досега не одговараше никој оставајќи ги семејствата на загинатите без одговори и со чувство на револт.

Во октомври 2021 г. по вештачењето на МВР, Обвинителството информира дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор – апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.

 

Back to top button
Close