По цревните инфекции, можна е појава и на жолтица во Гостивар, предупредуваат од Комисијата за заразни болести

По епидемијата прогласена во Гостивар поради загадената вода од градскиот водоснабдителен систем, можна е појава и на жолтица, како последователна последица, предупредуваат од Комисијата за заразни болести.

Д-р Жаклина Шопова, инфектолог во Комисијата за заразни болести / Фото: Принтскрин

Од Комисијата, која е советодавно тело на министерот за здравство, велат дека будно ја следат ситуацијата со епидемијата во Гостивар и здравствената слика кај пациентите што изминатиот период се јавија во болниците поради стомачни тегоби и посочуваат оти во актуелната ситуација не смее да има опушрање ниту кај гостиварци, ниту кај здравствените власти.

„Ние како Комисија алармиравме навреме да не се опушти здравствениот систем, оти можно е покрај овие цревни причинители да имаме појава и на хепатит А, но и на хепатит Е, за што нормално благовремено е известено Министерството (за здравство) и здравствените власти во државата“,вели д-р Жаклина Шопова, инфектолог во Комисијата за заразни болести.

Според неа, може да има многу причинители за болест и ваквата слика не е невообичаена кај ваквите епидемии, кога во организмот може да се најдат различни вируси и бактерии поради мешање на чиста и неисправна вода, но, додава, дека одговорот кој е „виновникот“ кој точно го разболел секој пациент, никогаш нема да се добие.

„Златен стандард по однос на бактериите е копрокултурата. Како што сте известени од министерот, нормално и од другите релевантни иснтитуции, вие знаете дека копрокултирите сега засега кај сите пациенти се негативни. Што се значи тоа? Да, имаме присуство и на бактерии, имаме присуство и на вируси, но кој е виновникот? Тоа досега во светот никој не го кажал при вакви хидрични епидемии, не очекувајте дека некој ќе го даде тој одговор сега засега“,вели инфектологот Шопова.

Министерот за здравство, Сашо Клековски вчера во изјава за медиумите рече дека Астровирус и Шигела се најчестите вируси и бактерии изолирани кај жители на Гостивар, но, како што напомена, тие не се идентични кај сите и затоа не можат излезат со генерален заклучок.

Инаку, ова е петти ден откако е прогалсена епидемија во Гостивар, поради загадената вода. Тоа значи дека жителите на градот не смеат да ја употребуваат водата од градскиот систем за никаква потреба, сè додека не добијат официјално известување од надлежните органи дека таа е исправна.

Во меѓувреме епидемијата во Гостивар стивнува. Според податоците од јавните здравствени установи во градот, што ги објави Министерството за здравство во текот на вчерашниот ден (23.7.2026 година) се евидентирани вкупно 197 новопрегледани пациенти, односно лица што првпат побарале лекарска помош. Ова претставува намалување на бројот на новозаболени во однос на претходниот ден, кога се направени вкупно 233 прегледи. Од 14 јули заклучно со вчерашниот ден во болниците во градот се јавиле вкупно 3 865 лица.

На 21 јули Владата прогласи кризна состојба во Гостивар со цел побрза координација на институциите, како и ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување вода за пиење во најкраток можен рок.

Во меѓувреме, се прават напори гостиварци до крајот на неделава да добијат техничка вода во домовите, а до крајот на наредната недела и вода за пиење. Како што информираа вчера од Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, започнато е хиперхлорирање на каптажата, во рамки на законски утврдениот максимум.

Истовремено трае и истрагата што Основното јавно бовнителство Гостивар ја отвори против вршителката на должност директорка на ЈП „Комуналец“-Гостивар, Артана Асани, техничкиот раководител Леон Мезини и раководителот на Одделението за водовод, Вадедин Даути. Tие се товарат за тешки дела против животната средина и природата, предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење, а казните за ова кривично дело се минимум четири години затвор. Според Обвинителството, осомничените на 25 јуни дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи, во близина на преливната комора со вода за пиење, за да го тестираат притисокот на водата. Две од трите пумпи ги оставиле во функција се до увидот на 16 јули.

Back to top button
Close