По очајниот крик за спас од фемицид мајката од Скопје доби полициска придружба
Мајката од Скопје која под псевдонимот Емилија Малите Палавковци вчера очајнички побара помош од јавноста за да се спаси од свирепото насилничко однесување на нејзиниот поранешен партнер во изјава за Слободен печат рече дека продолжува да добива закани. Но, сега таа покрај насилството кое го трпи во домашни услови стана жртва и на сајбер насилство.
Сепак апелот на Емилија за спас од фемицид допре до надлежните институции. Од МВР за Слободен печат потврдија дека преземаат соодветни мерки за заштита на жртвата.
„Министерството за внатрешни работи и Центрите за социјални работи постојано постапуваат по ваквите случаи. И во текот на вчерашниот ден, но и денес се во постојан контакт со Е.Г. и преземени се мерки и активности за заштита на Е.Г. (39) и санкционирање на А.А. (38), кои според пријавеното биле во врска, а од страна на Е.Г. е пријавено загрозување на сигурноста. Од страна на Центарот за социјални работи на Е.Г. и е понудено сместување во шелтер центар, кој е одбиен од страна на Е. Г. Следен чекор е Е.Г. чија согласност се очекува, заедно со Центарот за социјални работи да покренат постапка за изрекување времени мерки пред надлежен суд. СВР Скопје против А.А. ќе поднесе соодветна пријава и се преземаат дополнителни мерки за заштита на Е.Г. која во моментов е во придружба на СВР и ЦСР Скопје.“ ни рекоа од министерството.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска неодамна апелираше до жртвите на родово базирано насилство да го пријавуваат насилството. Таа истакна дека насилството во семејството претставува еден од најсериозните проблеми на денешницата и затоа, како што рече, кон негово решавање се пристапува енергично, темелно и одлучно.
Бројот на случаи на семејно насилство што се пријавува во земјава е околу 15 проценти од реалната бројка. Тоа, најчесто, се должи на економската немоќ на жртвата поради која е принудена да молчи или ако се осмели да пријави, повторно да се врати кај оној што го извршил насилството.
На почетокот на коронавирусната пандемија на жртвите на родово базирано насилство им се обрати и првата дама Елизабета Ѓоргиевска. Таа ги повика жртвите да се охрабрат и да побараат помош.