По протестите Вучиќ го повлече спорниот закон за експропријација

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ го врати Законот за експропријација во Народното собрание поради „лудо кратки рокови“ и покрај тоа што тој не е неуставен, соопшти тој во вечерашното обраќање и посочи дека Законот за претседател му дава можност да го врати во Собранието доколку смета дека не регулира некоја област на соодветен начин.

Тој изјави и дека ги потпишал измените на Законот за референдум, бидејќи тие не се противуставни, но и дека побарал од Владата на Република Србија да предложи измени на тој закон до Собранието, за да се исполнат барањата на граѓаните кои протестираа минатата недела.

-Знам, сите ќе кажат: „Ова е пораз на Вучиќ – но јас сум претседател на сите граѓани, без разлика колку ја сакам партијата што ја водам … знам дека има многу граѓани, прекрасни добри луѓе, кои се загрижени, изјави Вучиќ и додаде дека прифаќа дел од одговорноста за себе.

Зборувајќи за плановите на компанијата Рио Тинто да отвори рудник за литиум во долината на Јадар крај Лозница, Вучиќ кажа дека „треба да видиме во суштина дали сакаме да го имаме тој рудник или не“, и дека треба да се покрене јавна дебата за тоа.

Владата на Србија на вечерашната седница донесе одлука за повлекување на Законот за експропријација од собраниска процедура, а до Народното собрание предложи измени на Законот за референдум.

Ова беа барањата изнесени на еколошките протести на кои претходните две саботи беа блокирани главните патишта во Србија.

Движењето за еколошко востание во средата објави дека крајната цел на блокадата на патиштата е „протерување на Рио Тинто од Србија“ и дека ќе продолжи да ги повикува граѓаните на протести доколку Собранието на градот Лозница не донесе одлука за бришење на проектот Јадар од просторниот план.

Претставникот на движењето „Движи-промени“, Саво Манојловиќ прогласи победа на граѓанските протести и најави дека измените на Законот за референдум и повлекувањето на Законот за експропријација остануваат услов за прекин на еколошките протести.

Back to top button
Close