По седум години работа со договор на дело медицински сестри и техничари останале без работа, на нивно место примени други луѓе


Медицински сестри и техничари кои шест, односно седум години работеле со договор на дело, останале без работа и наместо нив, примени се луѓе однадвор во повеќе здравствени установи низ државата, информираа денеска од Унијата на петте здруженија на медицински сестри и техничари предводена од Здружението „За нас“.

Претседателката на Унијата, Гордана Бешлиовска, тврди дека на медицинските сестри и техничарите всушност не им било кажано да не доаѓаат на работа, туку дека „немало финансиска согласност за нивната јануарска исплата“. На денешната прес-конференција, таа посочи и на примери во кои на медицински сестри со високо образование им се забранувало да одат во смени, бидејќи ќе земеле големи плати со дежурствата.

„Реагираме по којзнае кој пат и апелираме да се престане со поразителната поделба на медицинските сестри и техничари според политичката реторика и опција, поделбите од типот на средни и високи, полова и возрасна поделба, но и тотално неразумната поделба по национална или етничка припадност. Затоа што во нашата професија единствените фактори што го определуваат квалитетот се професионализмот и емпатијата“, рече Бешлиовска.

Според податоците на Унијата, земјава се соочува со недостиг на медицински сестри и техничари, а токму поради тоа, вели Бешлиовска, раскинувањата на договорите се несериозни и нехумани.

„Тие како такви, треба да бидат поединечно образложени и поткрепени со факти“, додаде таа.

Бешиовска предупреди дека запоставувањето на вредноста на професијата ќе остави катастрофални последици врз здравствениот систем, ќе ја намали вредноста на пациентите, а ќе ја поскапи здравствената нега.

Back to top button
Close