По средбата со Ескобар, Курти ги повика на средба косовските опозициски лидери


Косовскиот премиер, Албин Курти ги покани денеска на средба лидерите на најголемите парламентарни опозициски партии, што би се одржала в петок, на 21 октомври, јави дописникот на МИА од Приштина.

Информацијата ја објави службата за информирање на Владата на Косово, без да даде детали за темата за која премиерот сака да разговара со опозицијата и единствено се наведува дека средбата би се одржала напладне во кабинетот на Курти.

Од Алијансата за иднината на Косово (ААК) одговорија дека лидерот на таа партија, поранешниот премиер Рамуш Харадинај ќе присуствува на средбата, додека од Демократската партија на Косово (ПДК) на Мемли Красниќи изјавија дека ќе одговорат на поканата откако Курти ќе даде појаснувања за темата за која ќе се разговара. Од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), на чие чело е Љумир Абдиџику, се уште нема одговор на поканата од Курти.

И покрај тоа што не се објавуваат информации околу темата на средбата со опозицијата, она што е јасно е дека барањето на Курти за консултации со опозицијата уследи истиот ден кога во Приштина престојуваше специјалниот пратеник на американскиот претседател Џо Бајден за косовско-српскиот дијалог, Габриел Ескобар, кој, освен со премиерот, денеска се сретна и со претседателката на Косово, Вјоса Османи, но и со лидерите на ПДК, ЛДК и ААК – Красниќи, Абдиџику и Харадинај.

Во краткото обраќање пред медиумите по средбата во премиерскиот кабинет, Курти и Ескобар информираа дека разговарале, меѓу другото, за процесот на дијалог меѓу Приштина и Белград, при што косовскиот премиер рече дека Косово е „подготвено за законски обврзувачки договор со Србија, со меѓусебно признавање во неговиот центар”.

Американскиот емисар, пак, изјави дека со Курти, меѓу другото, разговарал за „регионалните импликации” од дијалогот меѓу Косово и Србија.

– Разговаравме за прашањето на односите со Србија, за регионалните импликации од дијалогот, значењето на продолжувањето на американската поддршка за независноста, за суверенитетот и безбедноста на Косово, изјави Ескобар.

Денешната посета на Ескобар на Приштина, во медиумите, но и во домашните политички кругови и кај дипломатските центри во косовската престолнина, се толкува како дел од интензивираното вклучување на меѓународниот фактор во процесот на преговори меѓу Приштина и Белград. Во тој контекст е телефонскиот разговор што минатата недела го оствари американскиот државен секретар, Ентони Блинкен со Курти, како и со српскиот претседател, Александар Вучиќ.

Покрај тоа, во изнаоѓањето решенија за споровите и олеснување на дијалогот се вклучија и германскиот канцелар, Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон, кои преку нивните советници им предадоа на косовските и српските лидери предлози за начинот и динамиката на продолжување на преговорите.

Минатата недела во ненајавена посета на Приштина, на средба со премиерот Курти, допатува специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот, Мирослав Лајчак, кој во понеделникот, 17 октомври, го посети и Белград и се сретна со претседателот Вучиќ

Back to top button
Close