„Побједа“: До крајот на денот иницијатива за смена на црногорската Влада, во игра е малцинска влада

Подгоричкиот весник „ Побједа“ пишува дека до крајот на денешниот работен ден во собраниска процедура треба да биде испратена нова иницијатива за смена на Владата на Црна Гора.

Весникот тврди дека извори блиски до парламентарните партии потврдиле дека веќе се договорени 44 пратенички потписи, кои ја поддржуваат ваквата иницијатива, иако можно е документот што треба да се достави до Собранието да има само 27 потписи, што е доволно за да се закаже седница на црногорскиот Парламент.

„Побједа“ наведува дека, покрај опозициските, предлогот го потпишале и пратениците на коалицијата „Црно-бело“, додека пратениците на СНП, според весникот, нема да ја потпишат иницијативата, но се остава можност да гласаат против доверба.

Коалицијата „Црно-бело“ во понеделникот побара формирање малцинска влада, која нема да ја сочинуваат Демократската партија на социјалистите и Демократскиот фронт.

Вицепремиерот и претседател на Граѓанското движење  УРА, Дритан Абазовиќ, изјави дека ќе го понуди концептот на малцинска влада на сите пратеници и дека сите можат да го поддржат, вклучително и ДПС и ДФ, и посочи дека очекува сите партии да гласаат за нивниот предлог до крајот на неделата.

Предлогот за формирање малцинска влада, претставен од коалицијата „Црно-бело“ вчера го поддржаа Бошњачката партија, Албанската листа и Албанската коалиција „Едногласно“.

Демократскиот фронт и Демократите, од друга страна, одбија да учествуваат во неа веднаш по претставувањето на моделот на малцинската влада.

ДПС вчера најави дека ќе поддржи секоја иницијатива што ќе доведе до промена на актуелната власт.

Back to top button
Close