Почина Игор Југ, еден од осудените за „27 април“
Игор Југ, еден од осудените за настаните од 27 април 2017 година во Собранието, почина синоќа на 54-годишна возраст.
Информацијата за „360 степени“ ја потврди директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, посочувајќи дека Југ починал дома. Изминатиот период, како што додаде, Југ бил на прекин од издржување на затворската казна поради нарушено здравје.
„Југ почина во семејниот дом на прослава на роденденот на својата ќерка“,рече Пандов.
Игор Југ издржуваше 12-годишна затворска казна за настаните од 27 април 2017 година и упадот во Собранието, а во затвор помина осум години.
Изминатиот период бараше повторување на судската постапка тврдејќи дека пресудите се неправедни и дека никој од осудените не е терорист ниту, пак, дека сторил терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата.
Од Основниот кривичен суд Скопје денеска соопштија дека не е доставено какво било барање од осудениот или неговиот бранител за повторување на постапката.
– Поради повеќе медиумски објави, како и новинарски прашања кои утрово беа доставени во судот, ја информираме јавноста дека во врска со лицето Игор Југ, кој е правосилно осуден во предметот со КОК .бр. 40/18 за настаните кои се случија во Собранието на РСМ од правосилноста на пресудата, па сѐ до овој момент, до Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје не е доставено било какво барање од осудениот или неговиот бранител за повторување на постапката – наведуваат од Судот.