Почнува 45. Скопски џез фестивал



Утре настапува норвешкото дуо Еивинд Орсет (гитара, електроника) и Јан Банг (лајв семплинг), од Исланд доаѓаат композиторот и бас-гитарист Скули Сверисон и композиторката и мултиинструменталистка Олоф Арналдс, а полноќниот концерт е посветен на музичкиот фестивал Punkt во градот Кристијансанд и ќе гостуваат неговите основоположници, Норвежаните Јан Банг и Ерик Хоноре.
Вечерта на 17 октомври ќе биде отворена со концерт на македонскиот квинтет предводен од вокалистката Андреа Мирчевска и нејзиниот проект Lullaby for Lunatics, а од 22 часот е настапот на јужноафриканскиот композитор и пијанист Ндудузо Махатини, кој подолго време снима за Blue Note.
На полноќ на малата сцена во НОБ ќе гостуваат британскиот композитор, пијанист и органист Александар Хокинс и шведската вокалистика родена во Етиопија – Софија Јернберг, со нивниот заеднички проект Musho.
Последната фестивалска вечер, на 18 октомври, пред публиката ќе биде бразилско-американското трио „Сао Пауло андерграунд“ (Sаo Paulo Underground), кое, како што велат од СЏФ, ги редефинира можностите на електроaкустичната композиција, спонтаното компонирање и звучната инвенција.
Фестивалот ќе биде затворен со концерт на квинтетот Living Being предводен од францускиот хармоникаш Винсент Пеирани. Полноќен концерт нема да има.
Годинава на СЏФ учествуваат рекорден број изведувачи од тринаесет земји. Во четирите фестивалски дена на програмата се вкупно осум концерти од 20 и од 22 часот на големата сцена во Националната опера и балет и уште три полноќни концерти, кои, наместо во МКЦ како во минатите години, ќе се одржуваат на специјално подготвената мала сцена во НОБ.

Традиционално и оваа година, Скопскиот џез фестивал го избра најдобриот македонски џез музичар за 2026 година – кларинетистот и саксофонист Нинослав Спировски.






