Почнува судењето за затворениот сопруг на белоруската опозициска лидерка Тихановскаја

 Во белорускиот град  Гомел денеска почна судењето на Сергеј Тихановски, затворениот сопруг на белоруската опозициска лидерка, Светлана Тихановскаја, кој и самиот сакаше да се кандидира на претседателските избори, јавои ДПА.

Тихановскаја на нејзиниот канал на мрежата Телеграм го искоментира почетокот на судењето, по повеќе од една година откако нејзиниот сопруг беше уапсен во источниот град Гомел. „Тој е обвинет за организирање масовни немири“, меѓудругото напиша Тихановскаја, која се наоѓа во егзил во Литванија.

Во овој процес им се суди на уште петмина други мажи.

Без оглед на пресудата, „сите сфаќаат дека не станува збор за судење, туку за лична одмазда и одмазда од оној што ја зазеде и ја задржа власта преку насилство“, напиша Тихановскаја, која по апсењето на нејзиниот сопруг се бори против долгогодишниот белоруски претседател  Александар Лукашенко.

Од неговото апсење во мај 2020 година, „животот на нашето семејство, како и на илјадници белоруски семејства, многу се смени“, напиша таа, пренесува ДПА.

Според групата за човекови права Виесна, само државните медиуми имаат право да присуствуваат на судењето што се одржува во затворот во Гомел.

Адвокатите се должни да ја чуваат тајноста и затоа не им е дозволено да даваат какви било информации за судењето.

Back to top button
Close