Под мотото „Ајде да поминиме време заедно!“ почнува 21. издание на АКТО фестивал за современи уметности

Под мотото „Ајде да поминиме време заедно!“ во Скопје ќе се одржи 21-то издание на АКТО фестивал за современи уметности, во организација на платформата „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ).

Програмата, од денеска до 4 октомври, вклучува перформативни уметности, предавања, едукативни работилници, изложби и музички содржини.

Фестивалските случувања ќе се одвиваат во киното и дворот во Железничката зграда, Амфитеатарот на Архитектонскиот факултет – УКИМ и галеријата Сули-ан при ФЛУ.

На свеченото отворање денеска, во киното ќе биде изведен перформативен [радио] есеј „Железничарот на крајот на светот“ . На истата локација, од 1 до 3 октомври ќе се одвива едукативно-работен процес под наслов „Лабораторија за перформативно-просторни практики: Градот како сцена”.

На АКТО, како што посочуваат организаторите, годинава гостува реномираниот архитект, сценограф и водечки теоретичар во областа на сценската архитектура и дизајн, професор Радивоје Динуловиќ (SCEN, Нови Сад), кој на 1 октомври ќе одржи јавно предавање на Архитектонскиот факултет.

Во рамки на АКТО, на 2 октомври во Сули-ан се отвора традиционалната, дваесетта по ред изложба на финалистите на престижната награда ДЕНЕС 2026 за млад/а визуел(е)н/а уметник/чка до 35 години.

Програмата ќе биде заокружена на 4 октомври, со целодневен завршен настан „Бистро на еден ден“, во дворот на Железничката зграда. Настанот е конципиран како интервенција во јавен простор која опфаќа детска ликовна работилница, музичка програма, перформативно готвење и претставување на локални креативни иницијативи и издавачи.

Проектот 21. АКТО фестивал за современи уметности е поддржан од ГЕТЕ институт Скопје и Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија, како и преку проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд. Настанот XX ДЕНЕС награда 2026 е финансиски поддржан од Trust For Mutual Understanding, Њујорк, информираат од тимот на АКТО фестивал за современи уметности.

Back to top button
Close