Поднесена иницијатива за забрана на огномет на територија на Град Скопје

Советникот Марјан Калевски денес, во име на „Зелен Хуман Град“, поднесе иницијатива до Советот на Град Скопје за целосна забрана на огнометите на територијата на градот. Според иницијаторите, мерката е неопходна поради сериозните последици што ги предизвикуваат огнометите врз здравјето и околината.

Според ЗХГ, огнометите со децении претставуваат сериозна закана – не само за животната средина, туку и за здравјето и безбедноста на луѓето и животните. Во нивното образложение се наведува дека експлозиите ослободуваат големи количини штетни честички PM2.5 и PM10, токсични гасови и тешки метали, кои завршуваат во воздухот, почвата и водата. Овие загадувачи, според студиите што се цитираат, особено негативно ги погодуваат децата, бремените жени и лицата со хронични заболувања.

„Огнометите ослободуваат огромни количини PM2.5 и PM10, токсични гасови (CO, SO₂, NOx), како и тешки метали како што се бариум, бакар, стронциум и олово, кои ги загадуваат почвата, воздухот и водата. Последиците директно ги погодуваат најранливите групи: деца, бремени жени, лица со астма, ХОББ и кардиоваскуларни заболувања. Научните студии покажуваат значителни скокови во загадувањето на воздухот и водата по огномети, со сериозни ефекти врз дивиот свет и луѓето. Бучавата и интензивната светлина предизвикуваат тешки психолошки и сензорни реакции: анксиозност, панични напади, флешбекови кај лица со синдром на посттрауматски стрес, сензорен колапс кај лица со аутизам или сензорни нарушувања, како и ризик од епилептични напади кај лицата со фотосензитивна епилепсија. Овие последици се научно докажан сериозен ризик по здравјето.“ стои во нивното соопштение.

Покрај хемиското загадување, во иницијативата силно се нагласуваат и психолошките и сензорните последици. Бучавата и блесоците од огнометите можат да предизвикаат анксиозност, панични напади, посттрауматски реакции, како и сензорен преоптоварувачки стрес кај лица со аутизам или други сензорни нарушувања. Се предупредува и на ризикот за лица со фотосензитивна епилепсија.

Особено драматични, велат од „Зелен Хуман Град“, се последиците врз животните. Повеќе од 70 проценти од домашните миленици реагираат со силен страв и паника, што често доведува до бегство и повреди, а кај дивите животни се документирани и масовни угинувања, најчесто кај птиците.

„Последиците врз животните се драматични. Околу 70–75% од домашните миленици доживуваат силен страв, тресење, паника, обиди за бегство и повреди, а кај дивите животни се документирани масовни угинувaња, особено кај птици. Кај животните огнометите предизвикуваат висок стрес, дезориентација, бегство и смрт.“ стои во соопштението.

Иницијативата потсетува дека и постојните закони – Законот за заштита од експлозивни материи и Законот за Град Скопје – веќе предвидуваат обврска за заштита на природата и ограничување на експлозивни активности, но тие ретко се применуваат во пракса. Затоа, поднесувачите нагласуваат дека ваквата забрана е неопходна, задоцнета, но и во целосен интерес на скопјани.

„Законот за заштита од експлозивни материи во член 36 веќе предвидува забрана за употреба без дозвола и стручно лице, но овој закон речиси никогаш не се почитува. Законот за Град Скопје во член 10 ја обврзува локалната власт да ги заштити воздухот, водата, почвата, природата воопшто и да спречува бучава. Забраната на огномети е неопходна и многу задоцнета мерка.“ стои во нивното соопштение.

Огнометите значат нарушено здравје, покачено загадување, ризик од пожари и системско малтретирање на животните. Затоа многу градови во светот преминуваат на алтернативни визуелни форми на прослави кои не предизвикуваат штета.

Од „Зелен Хуман Град“ истакнуваат дека многу светски градови веќе преминаа на алтернативни, тивки и еколошки форми на визуелни прослави, и охрабруваат Скопје да го следи истиот пример.

На крајот, организацијата упати повик до сите советнички групи во Советот на Град Скопје да ја поддржат иницијативата и да покажат дека здравјето и безбедноста на луѓето и животните навистина се приоритет.

Извор фокус.мк

Back to top button
Close