Погрешна надворешна политика во две слики

Денко Малески

Ако сакаш да му помогнеш на народот, вели поговорката, кажи му ја вистината. Ако сакаш да си помогнеш себеси, на народот кажи му она што сака да го слушне.Кога станува збор за носителите на македонската надворешна политика, не сум сигурен дали станува збор за незнаење на вистината, но сигурен сум дека му кажуваат на народот она што сака да го слушне.

Слика 1. На телевизија тече емисија од која разбирам дека МНР подготвува некаков акциски план со дел посветен на бугарското малцинство во нашата земја. Дали тоа ќе помогне во решавањето на спорот со Бугарија, е прашањето на новинарката. Министерот нуди одговор кој го враќав неколку пати назад за да си поверувам на ушите. Вели дека се сомнева дека ќе помогне затоа што „тоа(од Бугарија) е политика, а (запишаното во документот на МНР) е суштина“. Па, зарем не разбира дека во меѓународната политика, политиката е суштина, затоа и се вика така а не меѓународно право, се прашувам. Продолжува со објаснувањето дека „да било според суштината“, веќе тазбирам дека зборува за според документите и меѓународното право, ние немало да сме ги имале овие проблеми или дамна ќе сме ги решеле“. Имено, објаснува министерот Муцунски, „природата на сите претходни блокади на Македонија е поврзана со политика а не со суштина “. Колку да не остане недоразбран, вели дека „да беа поврзани со суштината(документите) ние немаше да бидеме во оваа ситуација бидејќи сме земја-пример за почитување на малцинските права“. Имено, кога се работи за „суштина“(правните норми), ние сме подобри од „огромното мнозинство на земји членки на ЕУ“.

За што, по ѓаволите, зборува македонскиот министер се прашувам упорно. Зарем, во светлината на сето ова што се случува во светот денес, зарем после Украина и она што не очекува во Иран,зраем после сите изјави против меѓународното право на американскиот претседател Трамп, правниот документ е посилен од реалните политички односи? Зарем сите овие трагични настани околу нас не укажуваат на пропуштените прилики преку дипломатија навреме да се решавааат споровите меѓу државите? И кога помислувам дека ваквото поимање на меѓународната политика е опасно за нашата држава, министерот ме руши со заклучокот дека „ова ја прави нашата земја поцврста од внатрешна гледна точка, додека сите пречки од Бугарија се гола политика“.

Слика 2. Претседателот на Хрватска Милановиќ изненадува со своите изјави после двете официјални средби со македонската претседателка, пред некое време во Скопје и некни во Загреб. Имено, на двете конференции за печат после средбите, тој отстапува од дипломатскиот јазик и ни ја плеска вистината во лице. Во дипломатијата, освен онаа на американскиот претседател Трамп која и не е дипломатија туку насилство, тоа ретко се прави и, во случајот со Милановиќ, може да се разбере погрешно. Имено, дека станува збор за непријателско поведение кон нашата држава и нашиот народ или поддршка на политиката на сегашното македонско раководство. Напротив. Искуството ми кажува дека неговите зборови се одраза на грижата за нашата судбина, преку линијата на грижа која една суверена држава ја чувствува за друга. Зошто? Претпоставувам, затоа што кај него останало нешто од оние „југословенски чувства“, какви што и ние ги имаме кон Хрватите, кога си дозволува да дојде до израз неговиот карактер на човек со „краток фитиљ“кој ни ја кажува вистината. Во дипломатијата тоа е реткост. Оти, по првата средба во Скопје, претседателот Милановиќ рече дека се обидел да и објасни на македонската претседателка каква е „навистина“ Европската унија, но дека неговата колешка од Скопје е „професорица уставног права“. По средбата во Загреб некни, веројатно слушајќи ги истите објаснувања како и истите молби и барања Хрватска да и помогне на Македонија во одблокирање на процесот на преговори, човекот едноставно се распаднал. Почна да ни држи лекции за тоа како ЕУ не е единствениот пат за Македонија, како ЕУ е некаков декор од стиропор,веројатно некаква асоцијација на Скопје-2018, како фундаментот е сепак националната држава а ние ја имаме, како не треба да подлегнеме на туѓи влијанија туку самите да си го одбереме патот натаму… Со должната почит кон хрватскиот претседател, ова се глупости. Да беше како што вели, Хрватска немаше толку многу да вложи во членството во ЕУ а и немаше да остане таму до ден денешен.

Но, кажа една вистина со која апсолутно се согласувам:„Ово траје предуго“. И навистина. 35 години од нашата независност ние сме „на пат“ кон ЕУ и несомнено е дека нашите политички претставници и дипломати им ги пукнале ушите на соговорниците со приказните за правото, правдата, принципите и европските вредности – дваесет и пет години заглавени во грчката приказна и еве накај десетина во бугарската. И, сето тоа во прилог на докажување на тезата колку нашата држава е во право според член тој и тој, а колку грешат другите. Но, дипломатијата не е докажување колку си во право, оти тоа се прави на суд. Дипломатијата е придобивање за својата кауза и компромиси кои водат до решенија. Поинаку кажано, за успешна дипломатија треба да се слушнат и земат предвид аргументите на соговорникот. Во спротивно, ако продолжиме по овој пат, ќе се скараме со целиот свет. Оние кои внимателно ги следат потезите на македонската дипломатија забележуваат дека денес во случајот со Бугарија, не е виновна само оваа земја, како во случајот со Грција, туку и ЕУ во целина. Имено, она што некогаш беа обвинувања само на сметка на Грција но не и на ЕЗ/ЕУ се проширија на целиот сојуз.

Во потрага по спас, во погрешно време, сите јајца ги ставаме во една кошница – американската. На 7 април, разбираме, министерот патува во Вашингтон на стратешки дијалог со САД. Да се стави судбината на државата во рацете на голема сила раководена од непредвидливиот Доналд Трамп е коцка. Да се следи безпоговорно неговата политика е рецепт за нови непријателства кон држава на која и требаат сите пријатели на овој свет. Со нашата политика кон Палестинците и сега кон Иран, направивме непријатели од исламскиот свет иако правдата („суштината“) е на нивна страна а голем дел од македонските граѓани се муслимани. Додуша, и албанските политички претставници се колнат во Трамп и Америка без и малку да мислат за чувствата на своите избирачи, ама тоа е друга тема. Или е истата и сосема се вклопува во погоре напишаното!

 

Back to top button
Close