Пол Танге: Татко ми Кензо сакаше на Скопје да му даде надеж

„Тој многу размислуваше како може да им даде живот, надеж на луѓето, првин како човек, а потоа како архитект“, вели за ДВ, Пол Танге син на архитектот Кензо Танге на 60-годишнина од скопскиот земјотрес.

ДВ: Г-не Танге, по земјотресот во 1963 година, Обединетите нации имаа посебен фонд за конкурс, на кој победи вашиот татко Кензо Танге, една од најпознатите личности во целата приказна за обновата на Скопје. Дали Скопје, градот на солидарноста што го обедини светот во ерата на Студената војна, беше ветената земја за наградуваниот архитект од Јапонија Кензо Танге, каде што ќе може да ги помести границите на своите идеи со овој мастер план?

Пол Танге: Ова беше првиот странски проект на татко ми. И, се разбира, ова е сеопфатен (мастер) план од големи размери. Видел дека околу 70% од градот во Скопје се уништени, но останале 30%. И наместо да ги урне тие објекти, тој мислел дека би било значајно да се зачува таа историја. Затоа го создал Градскиот ѕид, кој е вертикален простор за живеење, но всушност обиколување на она што останало во градот Скопје по уништувањето од земјотресот.

Размислувал како урбанист, урбан проектант.

Сфатил дека што е можно побргу градот мора да заживее. Тоа значи дека е важно да се создаде заедницата, бидејќи заедницата беше уништена и оттаму е идејата за создавање Градска порта, која е во центарот на градот, каде што луѓето може да работат а градскиот ѕид да го претставува стариот град и новиот вертикален жив град, кои може да коегзистираат. Притоа да се почитуваат истовремено и историската ситуација и модерноста.

Скопје Земјотрес
Скопје по катастрофалниот земјотресФотографија: Keystone/Zuma/Imago Images

Почестени сме што сме дел од историјата на Скопје во обновата од разурнувачкиот земјотрес.

Обновата на Скопје по земјотресот беше значаен проект за земјата, за вашиот татко и имаше трајно влијание врз архитектонскиот изглед на градот. Дали мислите дека неговата работа во Скопје ја одразува неговата архитектонска визија и филозофија на живеење?

Пол Танге: Се разбира, татко ми беше под големо влијание на модернистичките архитекти, и затоа тој опширно ја проучуваше преку патувања низ Европа и САД, гледајќи ја модерната архитектура.

И тоа беше првиот чекор за него. Значи, идејата е дека искуството од работата во Скопје го направи неговиот поглед на светот сосема поинаков.

Ние во архитектурата, знаете, не сме како математиката, затоа што ние имаме многу одговори. Ова беше еден значаен чекор во неговата работа да создаде нешто што го имал на ум и да одговори на реалните состојби. Значи, ова беше доста важна пресвртница во неговата кариера за креирање на урбанистички дизајн, урбанистичко планирање во Скопје, кое беше спроведено како што тој замислил, би рекол.

Дали би можеле да споделите некакви спомени или анегдоти што можеби ги споделил вашиот татко за неговите искуства од работата на проектот Скопје по земјотресот во 1963 година?

Пол Танге: Мислам дека татко ми има доживеано многу, би рекол катастрофи во својот живот, но не тој лично. Првото големо искуство беше по Втората светска војна, кога беше фрлена атомската бомба во Хирошима. Тогаш, како млад човек тој почувствува дека мора да направи нешто. И направи спомен-парк на мирот, кој сè уште стои. И ние сме многу среќни да кажеме дека премиерот, Ишида, го оддржа собирот на Г7 пред неколку месеци на таа локација.

Хирошима парк
Меморијалниот парк во Хирошима е едно од многуте архитектонски дела на Кензо Танге ширум светотФотографија: Kohei Choji/AP/picture alliance

Она што се сеќавам е дека за него Скопје беше многу важен проект и сакаше да биде дел од обновата на градот по разурнувачкиот земјотрес. По Хирошима, ова му беше второ искуство на соочување со тешки катастрофи. Во сеќавање ми е останато дека тој многу размислуваше како може да им даде живот, надеж на луѓето, првин како човек, а потоа како архитект? Размислуваше како професионалец да создаде архитектонска или плански мудра идеја за да им даде на луѓето надеж да продолжат напред. Така, за него обновата на заедницата во Скопје беше многу важна. Создавањето градска порта во центарот на градот каде што луѓето навистина можат да се соберат и да почувствуваат дека заедницата повторно постои. Истата функција за него ја има и обединетиот плоштад. Повторно, место каде што луѓето можат да се соберат. Заедно сме, без разлика дали сме на реката од едната или од другата страна.

Сакаше луѓето да чувствуваат дека се заедно. Значи, за него тој простор на заедницата, создавање на центарот на градот каде што луѓето можат да се соберат беше многу важен. Но, исто така, да не заборавиме на уништувањето на минливоста. Значи, што и да останало, тој се трудел да го зачува за луѓето да сфатат што било порано, а што потоа.

Еднаш го цитиравте вашиот татко дека „Не е добро за архитект да ја дизајнира својата куќа“. Тој се пошегува велејќи дека секој член на семејството може да се жали, но тој, архитектот, не можел да го стори тоа. Дали е така и за градовите, дали е добро архитектот да живее во град што тој го дизајнирал? 

Пол Танге: Тоа е интерна шега во семејството затоа што, знаете, јас, мајка ми, сите, семејството, ние секогаш велиме дека живееме во оваа куќа. Не ми се допаѓа ова, не ми се допаѓа тоа и така натаму.  Но, само ние тоа може да го кажеме. Татко ми како архитект и човекот кој ја изградил куќата, не може да се пожали.

На шега го кажа тоа. Но, реалноста воопшто не е таква. Шетав низ една зграда со татко ми кога беше завршена и тој ми посочуваше многу работи кои можеле и поинаку да се решат.

Но, сега кога сум во компанијата, разбирам, бидејќи како што реков, нема едно решение во архитектурата или дизајнот.

Кензо Танге
Јапонскиот архитект Кензо ТангеФотографија: JIJI PRESS/AFP/Getty Images

Кога бев млад архитект, не можев да разберам зошто е толку критичен. Всушност, тој секогаш се обидувал да види друг начин како да се  направи нешто. И сега кога шетам низ завршена зграда и јас го правам истото.

Се разбира дека вистинскиот сон на aрхитектите и урбаните дизајнери е да бидат во просторот кој го создале. Затоа, за градот кој го дизајнираше тука, тој би сакал и самиот да биде во Скопје и да му помогне да расте.

Колку сте запознаени со посебната улога на Програмата за развој на Обединетите нации како координатор на реконструкцијата тогаш, и денешната улога на УНДП, 60 години потоа? УНДП денеска ги координира напорите на сите засегнати страни заедно да одбележат 60 години од земјотресот, враќајќи го духот на солидарност кој изгледа малку изгубен во современиот начин на живеење?

Пол Танге: Мислам дека УНДП направи прекрасна работа. Јас, пред едно десет години го посетив Скопје и имав увид каде е спроведен дел од мастерпланот на татко ми, како и системот на архитектура што го предложи тој, еден вид вертикален елемент со хоризонтален простор за живеење.

Тој беше многу заинтересиран за имплементирање на овој вид систем, кој архитектонски и урбанистички е доволно силен да се одржи цело време.

И затоа, УНДП одигра важна улога во тоа време и ја поддржуваше таа идеја. Мислам дека ни треба некој кој може да ја координира работата за да се осигура дека нејзиниот темел ќе се задржи.

Затоа, извинете што не сум во Скопје да го видам, но сигурен сум дека во минатите десет години градот дополнително порасна.

+++

Ова интервју е изработено од програмата на УНДП во Северна Македонија во рамки на одбележувањето на 60-годишнината од Скопскиот земјотрес 

Back to top button
Close