Полицијата не преземала ништо 40 минути додека напаѓачот од Tексас ги убивал децата во училиштето

Локалната полиција не преземала ништо додека 18-годишниот Салвадор Рамос бил во основното училиште во Увалде и ги убивал децата, велат очевидците. Во масакрот загинаа 19 деца на возраст од седум до десет години и две наставнички, а Рамос бил убиен од припадници на граничната патрола 40-ина минути откако упаднал во училиштето.

„Бидејќи полицајците кои стоеја пред училиштето не влегуваа внатре, станавме фрустрирани и сакавме со други случајни минувачи да упаднеме. Тие ништо не преземаа, беа целосно неподготвени“, изјави Хавиер Касарес, чија ќерка е меѓу убиените деца.

Властите кажаа дека напаѓачот се забарикадирал во една училница, во која полицајците се мачеле да влезат. Сите убиени деца и наставници се криеле во таа училница.

„Напаѓачот бил на местото на настанот меѓу 40 минути и еден час, пред да биде елиминиран. Десетици полицајци одговорија на пукањето и не се двоумеа. Тие влегоа во училницата и ја решија ситуацијата најбрзо што можеа“, изјави шефот на граничната патрола на САД, Раул Ортис.

Вчера се дозна и дека Рамос објавил три пораки на социјалните мрежи непосредно пред да го изврши нападот, при што напишал дека ја застрелал баба му и дека следна цел му е основно училиште. Тој исто така ѝ испратил приватна порака на 15-годишна девојка од Германија, која ја запознал преку интернет.

Рамос го извршил масакрот со оружјето што легално го купил неколку дена пред нападот, а непосредно по 18. роденден.

Back to top button
Close