Понижувачко повлекување или нуклеарна војна

Следете ја полемиката од пред некој ден помеѓу Џон Мершајмер, истакнат американски научник од областа на меѓународната политика и Карл Билд, некогашен премиер и министер за надворешни работи на Шведска, и работите ќе ви станат појасни.

Мершајмер: „Не сакам да ти ставам зборови во уста ама суштината на она што сакаш да кажеш е дека постои сериозен ризик од нуклеарна војна во Украина, но ти си подготвен да живееш со таквиот ризик“.

Билд:„Јас не би го употребил зборот нуклеарна војна, зашто нуклеарна војна е кога двете страни употребуваат нуклеарно оружје. Мислам дека… ако (Путин) испрати нуклеарен проектил (врз Украина), Американсците нема да одговорат со нуклеарна бомба врз Русија. Значи, нема да имаме нуклеарна војна. Ќе следи одговор, но тој нема да биде нуклеарен“

Мершајмер: „Каков ќе биде одговорот?…Многу луѓе веруваат дека ако Русите употребат нуклеарни бомби во Украина,…тогаш (Америка) нема да одговори со нуклеарно оружје (врз Русија)“.

Билд: „Значи, не е нуклеарна војна“.

Мершајмер:„Но, многу луѓе мислат дека ќе одговориме со конвенционално оружје против руските сили. Тогаш имате војна момеѓу големи сили, Соединетите Држави против Русија.Ејприл Хејнс, која е директорка на Националната известителна служба кажа во воениот комитет на Сенатот, пролетта оваа година, дека најверојатното сценарио е Путин да употреби нуклеарно оружје. Зашто, ако Русите не можат да ги победат Украинците на бојното поле можете да замислите што ќе се случи кога ќе се соочат со Годзила,познат како Соединетите Држави и нивните сојузници…“.

Билд:„ Тоа е сигнализирање кое се нарекува одвраќање:.. Американците ставаат јасно до знаење, и со право, дека ако (Путин) посегне по нуклеарно оружје ќе има реакција ( things will happen). Зашто ако Американците кажат … „нам не ни е гајле“ и „ние ќе се повлечеме“, тогаш тоа ќе биде крај на овој конфликт.Но, Путин ќе победи и ќе продолжи.Затоа не смее да се попушти пред нуклеарна уцена.Мислам дека ако употреби нуклеарно оружје, светот ќе се сврти против него уште поодлучно…Мислам и дека може да падне и режимот во Москва“.

Мершајмер: „Да, ама откога го употребил (нуклеарното оружје)“.

Билд: „Па…“.

Мој коментар. „ Бранејќи ги своите витални интереси, нуклеарните сили мораат,над се, да избегнат конфронтации кои го принудуваат противникот на избор помеѓу понижувачко повлекување или нуклеарна војна“, ќе запише американскиот претседател Џон Кенеди во својата „Стратегија за мир“, како одговор на Кубанската криза. Умни зборови. За жал, на чекор сме Русија и Америка да се најдат во оваа ситуација денес: последица на руската агресија врз Украина и американската непромислена политика за ширење на НАТО во Украина. И додека Трамп се обидува да се извлече од стапицата „понижувачко повлекување или нуклеарна војна“, европските политичари инсистираат војната да продолжи до победа. Но, ако почне да губи во војна во која се користи конвенционално оружје, Русија ќе употреби нуклеарно оружје во Украина.Тогаш, Америка или ќе бега или ќе влезе во војна со Русија. Ако влезе во војна, тоа ќе биде крај на човештвото, крај во кој, како што ќе изјави Никита Хрушчов после Кубанската криза, „Живите ќе им завидуваат на мртвите“. И на крајот: кој блефира со нуклеарна војна а кој ја кажува вистината? Не треба никогаш да дознаеме.

Денко Малески

 

Back to top button
Close