Поплави низ државата: Во Кичево евакуирани 60 луѓе

Поради обилниот дожд, во Кичево се поплавени повеќе станбени објекти на улицата „Прилепска“, поради што 60 луѓе се евакуирани и згрижени во спортската сала „Христо Узунов“, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според пријавите и интервенциите евидентирани до 21:00 часот на 7 јануари 2026 година, проблеми се регистрирани на повеќе локации низ земјата. На патниот правец Гостивар–Стража има одрони, но сообраќајот се одвива редовно, додека на делницата Тетово–Бањиче одрони покрај коловозот го отежнуваат движењето.

Во селото Балин Дол е регистрирано излевање на реката Вардар, при што се поплавени 10 земјоделски парцели и неколку дворови, а поради состојбата е намалено и производството на ХЕЦ „Маврово“.

Во селото Форино паднато дрво во коритото на Вардар претставувало ризик од поплава, поради што на терен интервенирала екипа со моторна пила. На делницата Тетово–Бањиче кај т.н. „Цртаниот ѕид“ се појавиле свлечишта и одрони, но патот е расчистен со багер и соодветно обележан.

Излевања на Лакавичка и Сушичка Река се пријавени и во селата Мало Турчане и Горна Бањица, каде што е поплавено земјоделско земјиште, а општината, како што информира ЦУК, нема соодветна механизација за целосна интервенција.

Проблеми се пријавени и во Битолско, каде што во селото Лера има поплава кај мост со можност за проширување кон селото, а во Породин е поплавена живинарска фарма. Во Општина Ресен, во селата Перово, Дремени и Долна Бела Црква, поплавени се дворови и земјоделски земјишта, иако реките не се излеани, додека одронот кај селото Сирхан е целосно отстранет.

Во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации, каде што интервенирале екипи на јавните претпријатија и локалната самоуправа. На патот Охрид–Пештани, кај хотелот „Гранит“, има одрон, но патниот правец е прооден, а целосно расчистување на поголемите наноси се очекува во наредните еден до два часа.

Во Струшко, на патните правци Татеши–Мислодежда и Дебар–Струга, во тек е расчистување на свлечишта и одрони.

Од ЦУК информираат дека сите надлежни служби се на терен и дека активно интервенираат за справување со последиците од дождот, а граѓаните се повикуваат на внимателност и на почитување на официјалните препораки.

Директорот на ЦУК, Мухамед Али, заедно со дежурните екипи на бројот 112 и Секторот за операции, соопшти дека континуирано ја следи состојбата на терен по обилните врнежи и ги повикува граѓаните, доколку забележат проблеми или имаат потреба од помош, истите да ги пријават на бројот за итни повици 112.

Back to top button
Close