Поради драстичниот пад на Дунав, романската нуклеарна централа „Чернавода“ исклучува реактор

Падот на нивото на реката Дунав ја принуди романската нуклеарна централа „Чернавода“ да започне контролирано исклучување на својот втор реактор.

Од компанијата „Нуклеарелектрика“ соопштија дека постапката е започната поради континуираниот и значителен пад на водостојот на Дунав. Се очекува вториот реактор околу 11 часот по локално време да престане да испорачува електрична енергија во националниот електроенергетски систем.

Одлуката, како што наведуваат од компанијата, е донесена во согласност со пропишаните безбедносни процедури.

„Одлуката за контролирано исклучување на втората единица е донесена поради континуираниот и значителен пад на нивото на Дунав“, се наведува во соопштението доставено до Букурештанската берза.

При исклучувањето строго се следат безбедносните маргини, состојбата на опремата и хидролошките прогнози за наредните денови.

Од „Нуклеарелектрика“ посочуваат дека ги следат прогнозите на романскиот Национален институт за хидрологија и управување со водите и дека постапката се спроведува со цел да се одржи безбедноста на нуклеарната централа во услови на неповолни хидролошки услови.

Back to top button
Close