Поради стареење на населението, Хрватска ќе мора да продолжи да увезува работници од странство
Најстарото население во Централна и Источна Европа, според актуелните податоци на Евростат, е концентрирано во поранешна Југославија, особено во Хрватска со просек од 45,4 години, како и во Словенија и Србија, по 45,2 години.
Уште во 2023 година, Хрватска стана европски шампион во увозот на работна сила, а очигледно е дека овој тренд ќе продолжи и во наредните години, објавија хрватските медиуми.
Според статистиката, 95 проценти од сите дозволи за престој во Хрватска се наменети за странски работници, што зборува за економски раст и исклучителна прилагодливост на хрватскиот пазар на трудот, но исто така создава нови структурни и политички предизвици.
Во ЕУ, тој процент е значително помал и изнесува 34 проценти.
Во анкета спроведена на примерок од 400 странски работници во Хрватска, особено од Филипините, Непал и Индија, се наведува дека 22 проценти од анкетираните работат во транспортот, 19 проценти во угостителството и 17 проценти во градежништвото.
Економските причини се наведуваат како главна причина за доаѓање во Хрватска, а речиси 90 учесници во истражувањето изјавиле дека им помагаат финансиски на своите семејства. Според анкетата, 32 проценти од анкетираните планираат да останат во Хрватска до пет години, 23 проценти сакаат да останат помеѓу шест и десет години, 20 проценти до пензионирање и 19 проценти до крајот на животот.
34 отсто од анкетираните работници веруваат дека квалитетот на нивниот живот значително се подобрил по пристигнувањето во Хрватска.