Поранешен корзикански националистички лидер застрелан на погребот на неговата мајка

Поранешниот корзикански националистички лидер Ален Орсони денеска е застрелан на погребот на неговата мајка, јавија локалните медиуми.
Како што пренесува ДПА, 71-годишникот бил убиен попладнево со еден истрел од оружје со долга цевка, испукан од далечина, јави францускиот весник Le Parisien, повикувајќи се на јавното обвинителство.
Отворена е истрага за организирано убиство.
Орсони, кој беше и поранешен претседател на фудбалскиот клуб АЦ Ајачо (AC Ajaccio), веќе преживеал обид за атентат во 2008 година, според медиумските извештаи, додека неговиот брат Гај бил застрелан во 1983 година.
Точните околности околу злосторството на францускиот медитерански остров, кој е погоден од криминал од банди, првично се нејасни.
По неговата вмешаност во националистичкото движење кое се стреми кон независност на островот, Орсони поминал долго време во Флорида, Шпанија и Никарагва, каде што бил активен во секторот за игри на среќа, се вели во извештаите.
По времето поминато во Националниот ослободителен фронт на Корзика (FLNC), Орсони основал сопствено движење за самоопределување, кое неговите противници го опишувале како „движење за бизнис“, објави Le Parisien.
Во болницата во главниот град на островот, Ајачо, била обезбедена психолошка помош за приближно 50-те лица кои присуствувале на погребот во малото село Веро, пишува весникот.






